Градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов поднесе оставка

Градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов преку социјалната мрежа Фејсбук соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата, по вчерашната трагедија во која загинаа 59 луѓе, а беа повредени 155 лица.

„Во овие најтешки мигови за нашата земја и за мене лично, сакам да соопштам дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата градоначалник на Кочани. Оваа загуба е огромна! Не постојат зборови што можат да ја опишат болката што ја чувствуваме сите. Тие деца беа наши деца. Ги познавав повеќето од нив, ги познавав и нивните семејства, а со дел од нив и семејни пријатели. Шокот и скршеноста што ги чувствувам ќе траат целиот мој живот. Оваа трагедија ги остави Кочани и Македонија во црнина, а празнината што остана е непреболна“, напиша Папазов.

Тој побара од сите надлежни институции да ја испитаат одговорноста на сите инволвирани и додаде дека непостапувањето е исто така одговорност. Истовремено, рече дека мора да се истражат сите детали и да се најдат сите пропусти, а сите лице што придонеле кон трагедијата дека мора да одговараат.

„Јас се ставам целосно на располагање на институциите. Иако според закон немав директни надлежности во овој случај, подготвен сум да одговорам на сите прашања за се’, како и за моите лични постапки. Нема зборови што можат да ја опишат мојата болка! Но, во овие моменти, мора да покажеме доблест, да манифестираме целосна одговорност и да покажеме разлика во начинот на постапување. Со нашето однесување мора да дадеме пример дека се спротивставуваме на системот кој не функционира. Доколку постои било каков основ за одговорност кај мене, го повикувам обвинителството да го испита тоа и да постапи согласно законите“, напиша Папазов.

„За мене, после оваа трагедија, ништо повеќе нема исто значење! Ова беа наши деца! Многумина, со право, забележаа зошто вчера не излегов во јавност цел ден. Но, тие што ме познаваат знаат колку сум скршен и како го доживувам ова што се случи. Тешко е, и тешко ќе го преживеам. Работев чесно и посветено целиот свој живот! Никогаш не сум ни помислил дека вака ќе заврши и мојот ангажман, но сега се повлекувам од оваа функција, молејќи го Бога за душите на нашите деца, за нивните семејства и за народот на Македонија!“, додаде тој.