Освен од Гостивар, во Русино нема да може да оди друг камион, ќе бидат поставени камери, обезбедувањето ќе функционира, а доколку биде забележан камион со отпад од друга општина, граѓаните да побараат оставка, рече на вчерашната дебата за депонијата Русино градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари
Ова беше пораката од двочасовната дебата која ја организираше Општина Гостивар за депонијата Русино која претставува горлив проблем за граѓаните. Тој посочи дека ова не претставува долгорочно решение, но порача дека може да биде еден заеднички притисок кон централната власт.
„Викнете ме ако видите камион, од било која општина, Врапчиште, Маврово, било која, ако стигне… не други таблици, и гостиварски што не се од Гостивар. Ние ги знаеме нашите камиони, ако има туѓ камион, јас ви реков, не одговорност, оставка побарајте. И ако одлучиме поинаку, заедно вака ќе се собереме, и ќе одлучиме дека продолжуваме вака… ‘Стоп Русино’, наоѓаме друга депонија, или друго нешто. Меѓутоа, сега за сега, Русино останува да го користи само Гостивар, ниедна друга Општина. Ве молам доколку имате информација, дека има со сменети таблички, утре, задутре, снимете, донесете ми материјал, јас одам, барам одговорност, прво од обезбедувањето…“, рече Таравари.
Во однос на блокадата која ја најавија активистите, Таравари рече дека блокада може за останатите, освен за општината Гостивар, додека не се најде некое друго решение, бидејќи, како што посочи, нема каде да се фрла ѓубрето.
„Каде да го фрлиме ѓубрето… штом изнајдеме друго решение за Гостивар, јас на чело тука сум, да најдеме друго решение, таму може, и јас сум еден од вас“, додаде Таравари.
Активистот Десо Матески потоа ги повика граѓаните на Гостивар во недела во 12 часот да се придружат на блокадата на депонијата Русино.
„А ѓубрето од Гостивар, како што го палеа горе, ние ќе го палиме пред згради, пред куќите, па така ќе најдат и општината и државата (н.з. решение). А ако не, ќе им го однесеме во Скопје“, рече Матески.
Активистка од граѓанската иницијатива „Стоп Русино“ повторно потсети дека тие бараат нова локација за депонија по европски стандарди, а не како што рече, за ѓубриште.
„Сакаме Русино да биде затворено. Ве молам, да почнете да го трупате, значи да почнете да го трупате и притискате, тоа е најминимално што може да го направите и не кошта, ако зборуваме од економска смисла. Стоп Русино! Нова локација, не сакаме горе депонија. Најдете инвеститори, направете по европски стандарди, ако сакате на сред Вардар, да видиме барем дека по пропис работи. Тука сите ќе поминуваме, чиста депонија, по сите прописи, нема отпадни води, нема ништо“, додаде активистката.
Граѓаните на Гостивар претходно преку протестно дефиле побараа решение на горливиот проблем со депонијата Гостивар. Тие бараат да сопре горењето на депонијата, поради, како што велат чадот се гледа и во Гостивар. Од иницијативата „Стоп Русино“ појаснуваат дека сакаат депонија со европски стандарди, но не на досегашното место.
М.К.