Со музичка програма поделена на две бини, овогодишното, дванаесетто по ред издание на „ПМГРекордингс Фестивал“ ќе се одвива под името „Градот ме тера да пеам“, во денсинг салата на Младинскиот културен центар (МКЦ) и бифето Фросина.
Со почеток во 20 и 30 часот, на 8 октомври, сабота, на фестивалот ќе настапат домашни и регионални музички имиња.
За во денсинг салата при МКЦ, најавени се домашните „Луфтханза“, хрватскиот електропоп бенд „Nipplepeople“, како и македонските бендови „Хајка“, „Cut your nipple“ и „Кантон6“.
Организаторите нагласуваат дека бендот „Луфтханза“ е предводник на новата алтернативна скопска и македонска генерација.
„Вистинска експлозија од младешка свежина и креативност, која предизвика бура од воодушевување на сцената последниве 2 години. На овој фестивал, со целовечерен концерт, тие ќе го промовираат нивниот најнов ЛП, кој штотуку го завршија“, велат од „ПМГ“.
Зарегионалните гости „Nipplepeople“ организаторите истакнуваат дека веројатно се најпопуларниот бенд во моментов во регионот, додавајќи дека нивниот хит “Фрка“ е број 1 хит на последнава декада, а новата песна „Јелена“ е фантастична обработка на една од најубавите српски староградски теми во електро поп манир.
Следни најавени настапувачи се скопскиот пост-панк состав „Хајка“, како и „Cut your nipple“, бенд за кој организаторите потенцираат дека ќе го отвори овогодишното фестивалско издание.
„’KANTON6′ е електро-етно-џез состав од СКопје, кој докажува дека Џезот настанал во Македонија и е традиционална македонска музика. По интересното лето на пат низ најоткачените балкански провинцијални џез фестивали, се враќаат со настап во тајната престолнина на светот – Скопје“, велат од „ПМГ“.
На втората бина наречена „PMG Tanz Digital stage“ која ќе биде поставена во бифето Фросина, свои настапи ќе имаат Андреја Салпе, Веселинов, Галатеја и Виолета Качакова.
Од „ПМГ“ го претставуваат диџејот Андреја Салпе како еден од креативните предводници на новата македонска електронска сцена.
„Неговите скорешни продукции се вртат на светските подиуми за танц, а неговиот диџеј (или лајв) настап е сјајна низа од современи клубски бисери“, забележуваат организаторите.
Вториот диџеј кој ќе настапи на танц бината е Веселинов, кој доаѓа од Кавадарци, а од „ПМГ“ го претставуваат како неуморен со својата квалитетна електронска продукција.
„Галатеја е многу добро познато име на нашата музичка сцена. Со еден албум и повеќе Е.П. изданија за PMGR, но и некои други лејблови и секако зачестени ‘живи’ настапи во последниве месеци, таа ја засилува својата амбиција како автор и полека, но сигурно граби кон ново долгосвиречко издание. На фестивалот ќе се претстави со диџеј сет“, истакнуваат оттаму.
На фестивалот со свој диџеј сет ќе настапи и Виолета Качакова, а од „ПМГ“ истакнуваат дека таа во меѓувреме успеала да изгради забележителна диџеј кариера по скопските локали, клубови, па и фестивали.
Организаторите напоменуваат дека фестивалските билети по цена од 400 денари до денот на фестивалот можат да се набават на билетарницата при МКЦ и онлајн.