„Сите со транспаренти, повторувам, сите кои изгледаат како да подготвуваат протест, растерајте ги“, вели гласот на полициското воки-токи низ сибирскиот ветер, по што следи пауза… „Во рамките на законот“.
Краснојарск е жив, раздвижен индустриски развиен град на нешто преку 3.000 километри источно од Москва, кој не остава ништо на случајноста во пресрет на посетата на Владимир Путин, пишува новинарот Оливер Керол во својата репортажа за Индепендент. Ден претходно, на температури од -25 степени, општинските работници ги исчистиле патиштата, тротоарите и крововите на куќите. Го израмниле и снегот на централниот плоштад. На самиот ден, стотици униформирани полицајци се наместени на стратешките точки околу градот. И кога претседателскиот авион стигна, целиот аеродром беше затворен, резултирајќи со тоа еден авион и неговите патници два часа на минусни температури да бидат стопирани во процесот на качување на летот.
Главните теми на предизборната посета на Претседателот требаше да бидат младите луѓе и спортот. Путин пристигнал во градот да изврши проверка на инфраструктурата пред отворањето на Зимските универзитетски игри во 2019 година. Настанот, како што беа брифирани новинарите, бил можност да се осигура Сибир со „инфраструктура за иднината“. Нови аеродроми, базени, спротски сали, стадиони, клиники и болници.
Поголемиот дел од денот се одвивал според планот. Претседателот, кој дал приоритет на вложувањата во спортот и меѓународните натпреварувања, беше во својот елемент. Можности за фотографии во повеќенаменскиот спортски центар и новиот хокеј стадион. Оствари средба со фудбалски тим кој тренира деца од државните домови за сираци. Последниот пат кога претседателот ги посетил на тимот му подарил спортски центар. Тимските спортови се клучни за развојот, им рекол Путин на возбудените дечиња. „Благодариме, благодариме“, одговарале тие.
Претходно, со новинарите сместени во ограничениот прес-центар, Путин ги искритикувал властите за вонредни трошоци и одложување на Универзитетските игри.
Но, со промената на агендата во последен момент, централниот состанок со локалните власти бил проширен и ги вклучил и индустриските сопственици. И ставен е нов фокус: екологијата. Промената, по се изгледа, била како одговор на притисокот од локалните жители.
„Сакаме Краснојарск да биде многу повеќе од моќен меѓународен спортски кластер“, рекол Путин пред бирократите и бизнисмените. „Сакаме да биде место каде луѓето ќе сакаат да живеат… Треба да водиме посебна грижа за проблемот на еколошката контрола“.
Малку од локалните жители ги очекувале овие зборови од Путин. Не дека загадувањето во градот не е проблем, дури напротив, за викендот Краснојарск бил светски лидер според смогот, пред Калкута и Дака за првото место на најголема загаденост на воздухот. Но, пред говорот на Путин, шест недели пред изборите во Русија, проблемот со квалитетот на воздухот во Краснојарск не бил од посебен интерес за Москва.
Градот има несреќна положба. Се наоѓа во природен базен опколен со планини и во комбинација со индустриското планирање на Советскиот сојуз и сомнителните современи пракси создаваат јасни сигнали на еколошка катастрофа.
Кога нема ветер, градскиот сообраќај, производството на алуминиум и термоцентралата испушта загадување во воздухот. Резултатот е црн смог и високи нивоа на бензопирен, особено токсична супстанца, кои достигаат и 114 пати над препорачаните вредности. Заболувањата од рак се високи и растат 2,5 проценти секоја година. Особено високи покачувања се забележани кај децата.
Луѓето низ градот често зборуваат за еко-емиграцијата, вели локалниот новинар Алексеј Тарасов. Некои веќе заминале во странство, или во подобрите климатски услови во Сочи и Краснодар. Сибирскиот разум е трпелив, вели тој, но екологијата докажала дека е едно од прашањата кое го здружува народот. Кога, на пример, властите сакале да издадат дозвола на нова фабрика за феролегури во градот, 8.000 граѓани се собрале на протест.
На чело на отпорот е Игор Шпехт. Неговиот проект Краснојарс.небо собрало донации за независни станици за мониторирање на квалитетот на воздухот. Од шест локации низ градот, Краснојарск.небо прикажува извештај за загадувањето во реално време. Кога за прв пат, резултатите почнале да се објавуваат онлајн тие не само што откриле дека бројките кои јавно се прикажувале биле пониски од вистинските, туку регистрирале катастрофални нивоа на загадување. „Видовме бројки од 5 до 10 пати над безбедните граници, изјавил тој за Индепендент.
Но кога Претседателот Путин пристигнал во средата, квалитетот на воздухот се намалил од рекордните нивоа. За некои од локалните жители, ова не е случајно, ниту се случува прв пат.
„Нашата база на податоци сеуште е мала, но можеме да кажеме дека никогаш не сме имале високи нивоа кога највисоките функционери се во градот“, вели Шпехт. „Логично ќе заклучите дека или тие внимателно ги бираат деновите за посетата, или индустријата знае како да го намали загадувањето“.
Галина Полјакова, искусен истражувач на Шумскиот институт Сукачев во Краснојарск за весникот рекла дека лично е убедена дека промените се одвиваат пред посетата на функционерите.
„Секогаш сме пресреќни кога висок функционер доаѓа во градот бидејќи почнуваме да дишеме чист воздух“, вели таа. „Преку викендот загадувањето на воздухот беше ужасно, и тоа целосно се поклопува со нивното празнење на контејнерите за складирање пред посетата“.
Полјакова верува дека ситуацијата во Краснојарск има многу поширока важност.
„Сибирската шума останува еден од најголемите „бели дробови“ на светот и неговите речни токови се светскиот океан. Порано или подоцна, нашата катастрофа ќе ги погоди сите“, вели таа.