Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ја претстави дигиталната колекција Анте Поповски

На денот на својот 79.роденден (15 ноември) Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје ја претстави дигиталната колекција Анте Поповски, дел од отворениот ресурс Дигитална библиотека, пишува Новинската агенција Мета.

„Дигитализирањето на творештвото на Анте Поповски е наша силна заложба за негово доближување до сите истражувачи, студенти, средношколици и негово афирмирање, зашто Анте е еден и голем, не само поет, туку и мислител, општественик. Благодариме на довербата на неговото семејство, тие се пример како се чува оставнината, како се чува татковината, затоа што делото на Анте за сите нас е токму тоа, татковина,“ истакна директорката на ГБСК, Снежана Стојчевска.

Дигитализацијата е резултат на договорот за соработка со семејствотo и со Здружението „Атево перо“. Тие на библиоетеката ѝ отстапија книжен и некнижен материјал, дигитализиран од д-р Атина Цветановска, која докторираше токму на творештвото на академикот и поет Поповски. Колекцијата беше дополнета со објекти за кои библиотеката доби дозвола за дигитализација, а процесот на заедничко работење се совпадна и со два големи јубилеја: 60 години од објавувањето на книгата „Непокор“ и 40 години од објавувањето на „Сина песна“.

Пред многубојните студенти, средношколци, професори, научни истражувачи и библиотекари, за дигитализацијата говореа Гордана Андреева (советник библиотекар), Андријана Апостоловска (советник библиотекар) и Ивона Џамтоска Јанкуловска (виш библиотекар).

По презентацијата, студентите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ интерпретираа стихови од Анте Поповски достапни токму на дигиталната колекција. Промовираната колекција е еден од клучните проекти на Библиотеката за оваа година, заедно со кампањата „Читаме современи македонски автори“, работилницата за креативно пишување за средношколци и проектот „Полска на полица“. Свеченоста беше заокружена со доделување пофалници за работа на пензионираните библиотекари и најава за големиот јубилеј 80 години постоење на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во 2025 година.