Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) денеска соопшти дека утврдиле директна интерсекциска дискриминација против Градскиот базен „Маркови Кули“ во Прилеп, кој, како што велат, дискриминирал група Роми врз основа на раса, боја на кожа, социјално потекло, етничка припадност и припадност на маргинализирана група со тоа што не им дозволил влез и користење на услугите.
Претставката до КСЗД ја поднело Здружението за правна едукација и транспарентност „СТАНИЦА П.Е.Т.“ во која се тврдело дека вработените во базенот ги враќале граѓаните Роми и не ги пуштале внатре, додека граѓани од други етнички заедници без проблем влегувале во базенот.
„Откако група Роми кои не биле пуштени, решиле да протестираат и се побунат против ваквата дискриминирачка пракса, кај влезот на базенот дошол и сопственикот, кој на присутните им се заканил дека со вакво постапување нема да пушта Роми ниту во другите негови објекти. Комисијата се обрати до раководството на Градскиот базен ‘Маркови Кули’ Прилеп за да се произнесат по тврдењето во претставката, меѓутоа во законскиот рок од 15 дена тие не одговорија“, се додава во соопштението на КСЗД.
Оттука, разгледувајќи ги поднесените докази со претставката, КСЗД заклучила дека сопственикот на базенот го ограничува пристапот до јавни добра и услуги на граѓани од ромска етничка припадност врз основа на боја на кожа, расна и етничка припадност.
„Комисијата му препорачува на одговорното лице на Градскиот базен ‘Маркови Кули’ да ја отстрани дискриминацијата на начин што ќе упати јавно извинување во форма на соопштение до ромската етничка заедница за сторената дискриминација во најмалку два медиума и на нивниот јавен профил на социјалната мрежа ‘Фејсбук’. Сторителот е должен да постапи по препораката во рок од 30 дена од денот на приемот и за истото е должен да ја извести Комисијата за спречување и заштита од дискриминација“, се додава во соопштението.
Доколку сторителот не постапи по препораката, од КСЗД велат дека имаат право да покренат прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци.
„Препораката е во насока на сензибилизирање на овластеното лице на Градскиот базен ‘Маркови кули’ со групата граѓани од ромската етничка заедница за во иднина пристапот до јавни добра и услуги да биде еднакво овозможен на сите граѓани“, нагласуваат тие.