Судија во Њујорк одлучи дека треба да им се плати 6,7 милиони долари на графити уметници кои покренаа тужба откако нивните уметнички цртежи на објект биле срушени за да се направи простор за луксузен станбен објект.
Вкупно 21 графити уметници го тужеле сопственикот на комплексот „5Поинтц“, култно место во Њујорк меѓународно познато како собиралиште на графити артисти од почетоците на 90-тите години од минатиот век. Нивните графити биле уништени во 2013 година преку ноќ, со бојадисување на објектот по наредба на сопственикот, а зградата била срушена една година подоцна.
Судската одлука следува по процесот кој траеше три недели во ноември. Судијата Фредерик Блок, од Бруклин, посочи дека немал да процени толку висока отштета доколку сопственикот чекал дозвола и ги уништил графитите 10 месеци подоцна. Тој соопштил и дека немало каење за направеното дело од сопственикот на објектот.
Во текот на судењето, во судницата се изложувале фотографии од графити цртежите на познати уметници, а експерт по уметност сведочел за нивната репутација и вредноста на цртежите на „5Поинтц“ како историско место на уличната уметност и особено уметноста поврзана со хип-хоп музиката.
„5Поинтц“ е светски препознатливо место за графити уште од 1990-тите години, откако на уличните уметници легално им беше овозможено да прават цртежи на огромните згради, а краток период на тоа место им беше дозволено и ефтино сместување и работа. Туристи од целиот свет доаѓаа на местото да го видат спектаклот, а Њујоркчаните ги гледаа графитите секојдневно при возењето со метро.
Апел да се спаси „5Поинтц“ упати и најпознатиот графити артист Бенкси.