800 граѓани веќе ја имаат потпишано Петицијата „Го сакам ГТЦ“ . Интересот ги надмина сите очекувања, посочуваат од Асоцијацијата на архитекти на Македонија(ААМ) кои се иницијатори на Петицијата.
Се потпишуваат и архитектите, но и сите оние кои сакаа Градскиот трговски центар да го зачува сегашниот лик, наместо да биде преоблечен во барок.
Според Даница Павловска, претседател на ААМ, денеска граѓаните покажаа дека не сакаат промена во ликот на ГТЦ, а надлежните ќе мора да го почитуваат и нивното мислење.
„Овој објект живее со луѓето и ова денеска е рефлексија на нивните емоции“, вели Павловска за Радио МОФ.
Izjava na Danica Pavlovska by Radio Mof on Mixcloud
Со петицијата се бара ГТЦ да биде заштитен како културно наследство и при реставрацијата да се зачува неговата автентичност. Освен нејзиното потпишување кое ќе трае до 18 часот, вечерва граѓаните симболично ќе го прегнат објектот и ќе повторат зошто тој мора да биде зачуван во оваа форма.
Според плановите, а како дел од новиот изглед, покрај барокната фасада која ќе гледа кон Собранието, ГТЦ ќе добие три куполи, антички столбови и многу склуптури на последниот кат. Автор на идејните решенија е Жарко Чаушевски, кој каков автор се појави и на други идејни решенија за објекти од проектот „Скопје 2014“.
Градскиот трговски центар е изграден во 1971 година, а авторот Живко Поповски кој е починат, инсистираше да се зачува автентичноста на објектот и да не се менува.