Граѓанска иницијатива за споменик на храброто момче Мухамед Али Јашари


Група граѓани се организираат на социјалните мрежи со барање до кандидатите за градоначалник на Град Скопје и општините Карпош и Центар за изградба на споменик на младиот Мухамед Али Јашари, кој пред две години загина бранејќи го својот другар од насилници во училишниот двор.

„Ние, граѓаните, бараме кандидатите, пред вториот круг на локалните избори да ветат дека без разлика кој ќе победи, нивната локална самоуправа ќе подигне барем едно скромно спомен-обележје во општина Карпош кај ГУЦ и во центарот на Скопје со кое ќе се зачува споменот на човештината на ученикот Мухамед Али Јашари (1992-2011) кој го загуби животот бранејќи го својот другар од насилници.

Зачувувањето на споменот на реалниот подвиг на загинатото момче, кое беше игнорирано при доделувањето на сите релевантни државни признанија за храброст и придонес кон заедницата, ќе придонесе за зголемување на единството меѓу сите луѓе кои живеат во денешно Скопје и општо, во Република Македонија. Така и на другите деца ќе им се даде светол пример на нивни врсник кој не подлегнал на националистичките пропаганди за етнички поделби“, се вели во текстот на граѓанската иницијатива, за која е покрената и онлајн-петиција.

19-годишниот Мухамед Али Јашари, ученик во Средното градежно училиште „Здравко Цветковски“, беше убиен во тепачка во училишниот двор, кога се обидел да му помогне на негов соученик, нападнат од група насилници.