48 граѓански организации бараат воведување на сексуално образование

Граѓанските организации бараат воведување на сексуално образованиеСо Декларација за сеопфатно сексуално образование, 48 граѓански здруженија бараат воведување на предметот сексуално образование за учениците во основното и средното образование.

Организациите сметаат дека не се преземаат ефективни системски интервенции за подобрување на информираноста на младите за сексуалноста, правата, родот и здравјето и затоа бараат Министерството за образование до крајот на годината, заедно со стручната јавност, граѓанските здруженија, како и учениците, наставниците и родителите да изработи национален акционен план за системско воведување на сеопфатно сексуално образование.

„Водејќи се од доказите дека сеопфатното сексуално образование во училиштата значително влијае на подобрување на здравјето на младите, на способностите за ненасилно изразување на вредностите и ставовите, но и оние за економска исплатливост за целото општество, бараме воведување на сексуално образование според принципите на Рамката за сеопфатно сексуално образование“, се вели во Декларацијата на здруженијата.

Драшко Костовски од организацијата Х.Е.Р.А за Радио МОФ вели дека граѓанскиот сектор ги направил сите истражувања за потребата од воведување на сексуалното образование и сега е ред на институциите да преземат одредени чекори, исто како што се преземаат чекори за воведување на други предмети поврзани со религиозното образование.

„Во текот на минатата година, неколку пати се појавуваа проблеми кои се поврзани со сексуалното образование, како на пример пристапот до оралната контрацепција и образованието на младите кое ќе го намали насилството и хомофобијата. Овие денови сме сведоци на дивеење на млади силеџии кои мотивирани од сексуална омраза прават насилство и секако последниот чин кој е поврзан со абортусот. Ние имаме предлози жената да се советува три дена пред абортус, а практично сме против воведување сексуално образование“, вели Костовски.

Izjava na Drasko Kostovski, programski direktor na HERA by Radio Mof on Mixcloud

Психологот во гимназијата „Орце Николов“, Ана Поп Ризова за Радио МОФ вели дека потребата од воведување сексуално образование е забележлива кај учениците, кои во училиштата не добиваат сеопфатни информации за сексуалното и репродуктивното здравје.

„Во рамки на формалната настава не е опфатена оваа материја и недостасуваат информации. Самите ученици бараат да имаат повеќе трибини и со гинеколози и со други стручни лица и затоа апсолутно треба да биде застапена програмата за сексуално образование во некаква форма “, вели Поп Ризова.

Од министерството за образование и наука велат дека Декларацијата на организациите за воведување на сексуалното образование се уште не стигнала до нив и засега не ги коментираат овие барања.

К.О.