Организациите Х.Е.Р.А., Реактор, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата за заштита на сексуалните права на маргинализираните заедници и доц. д-р Каролина Ристова – Астеруд денеска поднесоа претставка до Уставниот суд, за оценување на уставноста на новиот Закон за абортус.
Тие го оспоруваат целиот концепт на законот и велат дека со серија аргументи, засновани на уставните одредби и на меѓународни конвенции, кои се дел од внатрешниот правен поредок на Македонија, ќе бараат поништување на повеќе одредби за да се одбрани уставната рамноправност на жените со мажите и уставното право на жената слободно да одлучува за раѓањето на децата.
Доц. д-р Каролина Ристова – Астеруд, при поднесувањето на претставката истакна дека доколку законот би можел да зборува, тој би кажал дека не го спори уставното право на жената да донесе сама одлука за прекин на бременоста, меѓутоа, го оневозможува, па дури и целосно го спречува, по каприц на министерот за здравство, односно на извршната власт и неговите подзаконски акти, а сето тоа наводно заради грижа за здравјето на жената, без никакво право на правна заштита.
„И не само што го правам тоа и што го нарушувам ова уставно право заради здравјето на жената, туку тоа го правам и со повреда на физичкиот интегритет на жената, нејзината приватност и серија други уставни права на жената. Моето врвно достигнување сепак е во тоа што ги поништувам сите вредности на кои се темели современата македонска држава, од АСНОМ па до денес, а тоа е принципот на рамноправност меѓу мажите и жените, со тоа што во целиот мој концепт, повторно заради грижа за здравјето на жената, практично и го одземам граѓанскиот субјективитет и деловната способност на жената, сама да ги носи своите здравствени одлуки и избори и на тој начин ја третирам како малолетна и како неспособна сама да расудува“, додаде Ристова – Астеруд.
Постапката за оценување на уставноста на новиот закон за абортус, дополнително ќе се дискутира на тркалезната маса со претставници на граѓанското општество, активисти за човекови права и пратеници од Собранието, а организацијата ХЕРА ќе ги изнесе и првите сознанија за негативните ефекти од примената на новиот закон.
Граѓаните и активистите од повеќе граѓански здруженија под мотото „Нема ценкање со женските права“, повеќе пати излегоа на протести пред Собранието на РМ и бараа итно повлекување на предлог- законот за прекинување на бременоста, што не беше доволно да ги премисли мнозинството пратеници да гласаат за законот.