Членките на мрежата за заштита од дискриминација најостро го осудуваат настанот во трговскиот центар „Скопје Сити Мол“, чие раководството преку електронска пошта испратена до фирмата „Land Service“ побара лицата припадници на ромската заедница да не бидат ангажирани на работни задачи за одржување на хигиената во одделот за храна.
„Комисијата за заштита од дискриминација, која вчера преку соопштение го осуди настанот, треба во најкраток временски рок да постапи по предметот и преку свое мислење, во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминација, да утврди директна дискриминација врз расна и етничка основа, како резултат на која беше повреден личниот и моралниот интегритет, достоинството и угледот на лицата роми вработени во „Land Service“ и нивната приватност и правото на достапност на секое работно место под еднакви услови. Комисијата за заштита од дискриминација треба итно да поведе прекршочна постапка, со која ќе утврди двојна одговорност за извршена дискриминација, како од страна на одговорното лице така и од страна на правното лице – трговскиот центар Скопје Сити Мол“, соопштуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Тие го повикуваат и Јавното обвинителство да се вклучи во случајот и да го истражи евентуалното постоење на кривична одговорност за расна дискриминација (член 417 од Кривичниот законик), поради повреда на основните човекови права и слободи признати од страна на меѓународната заедница, сторена врз основа на разлика на раса, боја на кожа, националност или етничко потекло.
Како што претходно објави Радио МОФ, од министерството за труд и социјална политика најавија дека деновиве и инспекторите на Државниот инспекторат за труд ќе излезат на терен и ќе испитуваат дали во случајот „Скопје сити мол“ имало дискриминација врз Ромите.
Мрежата за заштита од дискриминација е составена од организациите: Фондација отворено општество – Македонија; Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА); ХОПС – Опции за здрав живот; Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија (ЕСЕ); РОМА С.О.С. Прилеп; Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА.
К.О.