Повеќе граѓански организации побараа од владата и Министерството за здравство да спроведат мерки за зголемување на опфатот со имунизација на децата од ромските заедници. Од ЕСЕ, ЦДРИМ, ЛИЛ и КХАМ, укажаа дека има драстичното кратење на буџетските сретства за Ромите минатата и оваа година. Затоа побараа Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца за 2014 година да предвиди и финансира низа активности во ромските заедници за зголемување на имунизацијата.
Здруженијата предложија да се воведат активности за едукација на родителите, зголемен број на теренски акции за пронаоѓање на невакцинирани деца, редовна достава на покани за вакцинација, редовни посети на ромски семејства од патронажни служби и обезбедување на превоз на децата до Здравствените домови во оние ромските заедници кои се оддалечени од овие установи. За овие активности, пресметаа тие, Министерството за здравство треба да намени вкупно 1.4 милиони денари, што е половина од средствата во 2011 година.
Овие граѓански организации, во текот 2012 година, спроведоа мониторинг на имплементацијата на специфичните активности за зголемување на опфатот на децата од ромските заедници со превентивни здравствени услуги (вакцинација, патронажни посети и здравствена едукација) утврдени со Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца во 8 општини и 15 населени места во РМ. Укажуваа дека во 2012 година за ваква намена се предвидени 390 илјади денари, што е за 85% помалку од средствата за Роми предвидени со ребалансот во 2011 година.
„Владата на РМ и Министерството за здравство во 2011, за Програмата, алоцирале вкупно 2.868.600,00 денари за активности за надминување на проблемите со превентивна здравствена заштита на Ромите или 14% од вкупниот буџет на оваа Програма. По 9 месеци од донесувањето на Програмата, Министерството за здравство ги намали средствата наменети за Роми за 10%, а пак до крајот на истата година потроши само 40% од овие средства. Нема достапни податоци за тоа каде се потрошени или пренаменети остатокот од непотрошените средства“, стои во соопштението од организациите.
Како директна последица на не спроведувањето на превентивните активности и намалувањето на буџетот, од кои зависи опфатот со вакцинација, резултатите од мониторингот упатуваат на низок степен на опфат на децата од ромските заедници со мерките за имунизација. Најнизок опфат, во сите вклучени општини, се јавува кај вакцините против Голема Кашлица.