Корумпирани синдикални лидери, „жолти“ синдикати, пасивни работници. Ова е генералната оценка на граѓанските здруженија за состојбата со работничкото организирање во земјава.
Од движењето за социјална правда „Ленка“ велат дека македонските синдикати главно се продолжена рака на власта, левичарите од „Солидарност“ пак бараат да се запре со постојаното кратење на работничките права. И едните и другите се свесни дека Први мај наместо на улица ќе се слави на ливада, но веруваат дека ова е добро време македонските работници да се разбудат од деценискиот сон и да разберат дека имаат свои права, кои нивните синдикати забораваат да ги штитат.
Платениот одмор од 26 е намален на 20 дена, од 5 години на 18 месеци се намали и правото на надомест при технолошки вишок, сините картони ги плаќаат сите со месечен хонорар повисок од 8 илјади денари. Истовремено редовно се крши правото за прекувремена работа во приватниот сектор, правото за штрајк и синдикално организирање, посочуваат од Солидарност.
Наспроти ова, казните за работодавачите кои вршат недозволен надзор над синдикатот се намалува, од 15 илјади евра колку што беше претходно, на само 500 евра сега. И ова, велат левичарите, синдикалните лидери не го гледаат како проблем, туку се фалат со она што досега го постигнале.
Големата невработеност не е оправдување за пасивноста на синдикалните лидери, посочуваат од Ленка. Оттаму додаваат дека ако покриеноста на работниците со гранкови колективни договори во 1998 година била 75%, во 2009-та паднала под 35 отсто. Работниците се разочарани, бројот на синдикалци ќе паѓа ако не се прави нивна мобилизација.
Сепак и годинава граѓанските здруженија се тие кои повикаа на протест, исто како и Светската федерација на синдикати. Во Македонија пак, синдикалните лидери одлучија да бидат тивки, задоволни од правата кои ги уживаат македонските работници.