Голем број граѓани плаќаат резервации на огласени украински станови преку „Ербиенби“ со намера да помогнат парично на жителите кои се соочуваат со финансиски проблеми по руската инвазија на Украина.
Еден пар кој резервирал стан во Киев во периодот од 3 до 10 март ја објави резервацијата на Твитер со напишаната порака: „Здраво Марија, јас и мојата сопруга само што го резервиравме вашиот стан за една недела, но, се разбира, нема да го користиме. Ова е само за вие да добиете малку пари“.
HOW TO HELP – just booked a Kiev AirBnb for 1 week, simply as a means of getting money directly into the hands of Kiev residents. It’s really cheap and can make a small difference right now. Please share this idea #Ukraine #Russia #StopWarInUkraine #StopPutinNOW #UkraineRussiaWar pic.twitter.com/7yQDLYRkph
— DiMaggio.eth (@DimaggioEth) March 3, 2022
Друг корисник на Твитер извести дека и тој со семејството резервирале сместување за една недела со цел да донираат пари на украински семејства и повика и други да ја споделат неговата идеја.
Дел од граѓаните пак го повикаа „Ербиенби“ да ги скрати плаќањата кои одат за нивната услуга, кои обично се движат од 3 до 15 проценти, со цел украинските граѓани да ги добијат сите уплатени средства. Од платформата за изнајмување станови набрзо соопштија дека ќе се откажат од сите трошоци за нивните услуги во Украина.
„Ја цениме великодушноста на нашата заедница во овие моменти на криза. „Ербиенби“ ќе се откаже од сите провизии кои ги наплаќа од гостите и станодавците во Украина“, соопшти портпаролката на компанијата.
Од оваа платформа претходно соопштија дека ќе понуди бесплатно, привремено сместување за најмногу 100.000 бегалци од Украина.
Директорот на компанијата, Брајан Чески, денеска потврди дека ќе ја суспендираат нивната работа во Русија и Белорусија
„Ербиенби“ годишно прави преку 300 милиони ноќевања во околу 4 милиони станови глобално, во вредност од околу 46,8 милијарди долари. На платформата се огласени повеќе од 300 станови за изнајмување низ Украина.