Група граѓани кои живеат во близина на Универзалната сала во Скопје, обединети во иницијативата „Во одбрана на Буњаковец“, се противат на плановите за уривање на постојната Универзална и изградба на нова, поголема сала на нејзино место.
Реакцијата на граѓаните ја пренесуваме во целост:
„Предвидено е да се сруши Универзална сала, објект кој има култно значење за жителите на Скопје, па и на цела Македонија, објект кој е симбол на едно време, симбол на солидарноста која го изгради Скопје по земјотресот, објект кој е длабоко врежан во срцата на многу луѓе.
Предвидено е да се гради објект кој е неколкукратно поголем од постоечкиот. Локацијата е премала за да одговори на неговите потреби. Нема да може да се овозможи нормален приод до него, зашто околните улички се еднонасочни и тесни.
Ќе треба да се изгради подземен паркинг, што е скапо и проблематично, со оглед на подземните води во овој дел од градот.
Ќе треба да се исечат постоечките 50-тина дрвја. Со ова дополнително ќе се намали зеленилото во овој дел од градот, а со тоа и загаденоста на воздухот.
Поевтино е новиот објект да се изгради на некоја друга локација, по примерот на спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Ако сте против рушењето на „Универзална сала“ и градењето на новиот конгресен центар на нејзино место, поднесете приговор до Општина Центар. Анкетниот лист може да се поднесе во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, секој работен ден, од 8 до 16 часот“, велат од граѓанската иницијатива.