Граѓаните ги активираа инспекторите за животна средина, масовно се пријавува загадување преку онлајн платформата

Над 300 пријави за загадување на животната средина поднеле граѓаните за помалку од пет месеци откако постои онлајн платформата на Државниот инспекторат за животна средина. Ажурноста на граѓаните резултирала со повеќе од двојно зголемување на бројот на вонредни контроли кои ги направиле инспекторите во сите региони во земјата. Казнети биле повеќе компании, издадена е и забрана за работа и повеќе решенија за преземање мерки загадувањето да не се повтори, пишува „Мета“.

Досега, најмногу се пријавувало загадување на воздухот, за што стигнале 97 претставки, потоа за диви депонии и горење на депонии – 43 и за загадување на реки – 36 претставки. Граѓаните се жалеле и на прекумерна бучава, исфрлање на градежен шут, сечење дрвја и слично. Најмногу жалби до инспекторите дошле од Скопскиот регион – 103, а најмалку од Пелагонискиот, само 16.

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска вели дека се задоволни од ефикасноста на алатката, која им помага да бидат во тек со тоа што се случува на терен и благовремено да реагираат.

„Целта на онлајн платформата беше да се олесни комуникацијата помеѓу граѓаните и инспекторатите, како и да се создаде канал за директна комуникација со Државниот инспекторат. Од вкупно пријавените 311 претставки, 82 биле наменети за инспекторите во ДИЖС, а 202 за овластените инспектори. Државниот инспекторат самостојно или координирано со овластен инспектор има излезено на терен на повеќе од половината, 145, потоа 67 претставки се проследени до овластен или друг инспектор бидејќи немало правна основа за постапување на ДИЖС, додека 27 биле анонимни или неосновани пријави“, вели Петровска.

Пријавувањето на еколошките проблеми има четири различни опции, испраќање порака преку Фејсбук страницата на Државниот инспекторат за животна средина, е-адресата prijavi@sei.gov.mk, веб-страницата www.sei.gov.mk и преку полето „пријави“ на е-мапата на загадувачи www.mapanazagaduvaci.mk.

Од понудените можности, граѓаните најчесто ја одбирале фејсбук страната на инспекторатот, преку која стигнале 180 пријави, потоа веб страната на инспекторатот 63 и имејл адресата на која стигнале 41 поплака за еколошки проблем.

Во пријавата граѓаните треба накратко да го опишат проблемот кој го пријавуваат, да ја наведат локацијата каде забележале загадување, доколку можат да испратат и слика или видео и да остават нивни податоци, за да можат инспекторите да ги исконтактираат и да ги информираат што е преземено по пријавата.

Петровска вели дека бројот на претставки до инспекторите е зголемен во споредба со периодот кога оваа алатка не постоеше, а доказ за тоа се зголемениот број вонредни надзори.

„Минатата година во просек имало 12 вонредни надзори месечно, а годинава околу 30, односно, спроведени се 153 вонредни надзори заклучно до 22 јуни. Како резултат на тоа издадена е привремена забрана за работа на една асфалтна база, издадени се платни налози и наредено е отстранување на отпади што работеле без дозвола, изготвен е записник за спогодување со свињарска фарма, издадени се голем број решенија со задолжувања да се применат мерки за намалување на загадувањето. Според тоа, алатката за пријавување се покажа како многу ефикасна за откривање загадување“, посочува Петровска.

Мета