Министерството за здравство (МЗ) денеска излезе со апел до граѓаните кои досега не се пријавиле за вакцинација или се двоумат, што побрзо да се вакцинираат против Ковид-19, поради, како што велат, вакцинацијата е единствен начин да се спречи ширењето на делта сојот во земјава, а со тоа да се спречи и евентуален нов силен бран на вирусот.
„По детектирањето на 7 пациенти кај кои е утврдено присуство на индиската варијанта, се испостави дека истите не биле вакцинирани, што уште еднаш го потврдува фактот колку е потребно граѓаните што побрзо да се вакцинираат. Делта сојот е присутен во околу 100 земји во светот, оттука ние како држава не може да бидеме изземени тој да се рашири и кај нас. Состојбата во нашата земја, гледано од епидемиолошки аспект засега е мирна, секојдневно се следи ситуацијата и се прават анализи на истата. Сепак, делта сојот има висока трансибилност, оттука важно е граѓаните масовно да се вакцинираат“, велат од министерството.
Како што додаваат оттаму, сите официјални информации од меѓународните здравствени институции, домашни анализи на експерти и стручњаци во областа на вирусологијата и епидемиологијата, укажуваат на тоа дека единствен начин да се спречи ширењето на делта сојот или другите соеви на SARS-CoV2, како што велат е вакцинацијата.
„Сите вакцини кои ги има кај нас се безбедни признаени од СЗО и националните институти на земјите што ги произведуваат. Секоја вакцина е ефикасна и штити од тешка форма на болеста, компликации или смртен исход. Вакцините се безбедни, ефикасни и единствен начин да ја одржиме состојбата стабилна“, порачуваат од МЗ.
Од министерството истовремено потсетуваат и дека од 12 јули, процесот на вакцинација во земјава ќе се одвива и без закажан термин, и додаваат дека ќе започне и теренска вакцниација, со што вакцините ќе бидат, како што велат, достапни до секого и секаде.
Според податоците на веб-страницата за вакцинација, досега бројот на вакцинирани лица е над 380 илјади граѓани, додека над 490 илјади пријавиле заинтересираност за вакцинација.