Отпадот од Макстил или било кој друг инвеститор да се третира надвор од Гази Баба, а во спротивно би преземале радикални мерки и протести, укажаа денеска граѓаните од оваа општина што присуствуваа на јавната расправа во големата општинска сала. Железарци и активисти побараа „стоп“ за долгогодишното загадување од индустријата, притоа да се подигнат спортски терени или зеленило наместо капацитети. Истовремено, градоначалникот Борис Георгиевски уверуваше дека нема да има нова фабрика за отпад во Гази Баба, а за активностите во Старо Скопје ќе бидат слушнати сите предлози и забелешки.
Настанот во општинската барака 8 наиде на интерес и различни ставови од присутните. Повод беше Нацрт-извештајот за оцена на животната средина за три урбанистички проекти.
Проектите би можеле да се реализираат вон опфат на урбанистички план, за уредување на земјиште со намена Е3.1 – „постројки за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на неопасен отпад на парцели во Старо Скопје“.
Според Александра Каракашова Сачкарска, ангажирана од општината за нацрт-извештајот, евентуална постојка нема да преставува закана за животната средина, само доколку се почитуваат законите и се одбере технологија без негативно влијание.
„Планскиот документ, доколку ги почитува сите стандарди, може да придонесе на решавање на проблемот со искористување на прашината од филтрите на печките во кругот на Железара, која во моментов се одлага на сите места, без никаков третман. Прашината лета на сите страни. Планираната постројка може да биде основа за примена на интегриран систем за управување со отпадот и може да се стават во контрола значаен број видови на индустриски неопасен отпад“, рече Каракашова Сачкарска, која е овластен експерт за СОЖС (Стратегиска оценка за животна средина)
Таа тврди дека од технолошкиот процес не се очекуваат загадувачки емисии, ако идните машини би биле поставени во затворени хали.
Исто така, Каракашова Сачкарска посочи дека ова е само старт на процесот. Прва јавна расправа со коментари за нацрт-извештајот, па негово усвојување, па потоа следува продажба на земјиште, оттуѓување, наоѓање на инвестор, идеен и основен проект…
„Инсталацијата треба да поднесе и барање за интегрирана еколошка дозвола. Треба да се изработи и Студија за оценка за влијанијата на животна средина“, рече таа.
Давор Врговиќ, жител од населба Железара, нагласи дека не сакаат ниту загадувачка, ниту незагадувачка индустрија. Живееме воздушно на три километри од центарот, вели тој, па во 2021 година треба да се насочуваме кон нешто нормално, нешто со бенефит за граѓаните.
„Градоначалникот да се ангажира да ја премести фабриката, а не да ја проширува и да се носат нови планови за да се ‘подобри’ (ситуацијата). Не сакаме се ‘подобри’, сакаме да нема ништо такво! Од пред 60 години, кога се планирала тука фабриката – сменети се работите. Живеат многу луѓе во околина. Ако не го направите тоа, ќе носите луѓе на душа“, рече Врговиќ.
Неговиот сограѓанин и активист Кристијан Узунов потенцираше дека железарци со години некој ги труе, но воопшто нема одговорност. Доколку има нова хаварија, вели тој, ќе има дополнителни последици по здравјето на населението. Најави и протести ако надлежните одат контра нивните барања.
„Дали сте спремни сите што ќе го потпишете тој договор да одговарате со законски казни или на друг начин доколку се случи таа хаварија?“, праша тој.
Спомена дека Скопје во изминативе 10-ина години е еден од најзагадените градови, не само во Европа, туку и во светот. Тоа, вели тој, можеме да се види секоја зима, а жителите се директни жртви.
„Дали од овие присутни советници, градоначалникот и од претходниците (на власт) има одговорност за 23 годишното девојче што почина од тумор? Дали некој нејзиниот живот ќе го врати? Дали ќе дозволиме тоа да се случува? Или ќе речеме – да умреме како мажи, односно да излеземе пред багери, или ќе се труеме како глувци? Јас ви ветувам дека овој пат нема да помине ништо освен зеленило или спортски центри!“, посочи Узунов.
Елизабета Стојменова е жителка на населба Железара повеќе од 40 години. Кога ќе се „изгугла“ за Гази Баба, вели таа, ќе сретнете дека пишува „заборавена убавина“.
„Има повеќе видови на растенија, животни што веќе изумираат. Секој ден го шетам кучето низ шумата, таму имаше верверици, зајачиња, желки, а сега нема ништо! Да не се лажеме, Максил загадува и ќе загадува. Филтри има, меѓутоа господинот не ги употребува бидејќи трошат многу струја. Наместо да се прави ваков извештај, треба да се прави анализа колку луѓе се починати од карцином на мозок, колку од карцином на бели дробови“, вели таа.
Порано се гордееле со Железара, посочи Стојменова, но сега во вечерните часови се чувствуваат како да гори шпорет или гајтан. Затоа бараат дислоцирање на Макстил.
Татјана Чакулев од „02 Иницијатива“ упати критики кон општинарите дека целата постапка за урбанистичките проекти е нетранспаретна и полна со законски недоследности. Го критикуваше и самиот нацрт-извештај на „О3 Инвест дооел Скопје“.
„Во извештајот се тврди дека ќе се реши отпадот кој ќе се создава од Максил. Се зборува за неопасен отпад, меѓутоа суштината е дека тоа е филтер прашина, класифицирана како опасен отпад од Министерството за животна средина, која содржи цинк. Имате многу контрадикторни информации“, рече еко-активистката.
Во А-интегрираната еколошка дозвола издадена на Макстил, дополни таа, стои дека филтер прашината не смее да се складира, а единственио што може е инертниот отпад, односно троската.
„Со ова не се решава отпадот од Макстил, бидејќи не смее да ја складира таа прашина, туку Макстил треба да си ја извезе, да ја даде на некој друг“, потенцираше Чакулев.
Во извештајот, вели таа, се споменува за влијание за вода, воздух, почва, некаде не се знае соодветната технологија, а на друго место – дека е од затворен тип.
„Во извештајот постојат многу какофонични информации. Потоа, се препорачува ‘2sDR’ технологија што е во експертиментална фаза, која никаде во светот не се употребува на индустриско ниво!“, забележа Чакулев.
Дејан Димитровски, активист и и советник во Општина Гази Баба, посочи дека убаво звучи тоа дека би се тргнала целата таа планина од прашина што ги труе граѓаните. Сепак, не е оптимист дека процесот со отпадот би бил контролиран.
„Како долгогодишен активист, сведок сум на многу пропусти. Пример, пред две години влеговме во инсталација каде видовме страшни сцени со медицински отпад, а тоа требаше да биде контролирано од државата. Сведоци сме дека три пати се излеваше од индустријата од Железара во води. Кој одговараше за тоа? Никој! Природата. Ги казнија по 100.000 евра и никому ништо. Се уште немам доверба во работата на институциите. И затоа, во овој момент, бидејќи ги претставувам граѓаните, не сакаме да се отвори ваков опфат, без разлика дали се работи за современи услови“, рече Димитровски.
Според него, недостасуваат информации колку отпад има во Железара.
„Досега отпад се извезуваше во Кина. Знам, они израчунале дека поевтино е ако тука се преработува. Тоа е бизнис, тоа е ми е јасно. Но, замолувам, еве и јас ќе помогнам да се спакува и да се извезува во Кина!“, нагласи Димитровски.
Филип Јованов, локален жител, експерт што преку 20 години работи за заштита на животна средина, праша која е логиката на 220.000 метри квадратни да се дадат намена за отпад, токму во овој дел на Гази Баба? Направи споредба и со Русино, депонија од 95.000 квадрати, предвидена за депонирање на отпад за 300.000 луѓе за наредните 10 години.
Според него, не постои термички и хемиски третман на отпад без емисии, без да има загадување. Плус, кога во Гази Баба би се воспоставила „зона Е3.1“, тогаш вредноста на локалните имоти би паднала за 30%.
„Живеам на километар ипол од таму (локациите предвидени за третман на отпад). Ќе паднат и вредностите на имотите што се бават со земјоделие. Ќе падне вредноста на нивниот производ на пазарот. Никој нема да сака да купи земјоделски производ од Стајковци. Тоа ли сакаме да им го направиме на луѓето? Апсолутно не се согласувам со ваква намена на земјиште во оваа зона“, нагласи Јованов.
Градоначалникот Борис Георгиевски тврди дека според актуелниот Правилник постојат две квалификации – Е3.1 и Е3.2. Првото, ова што се рагледува, подразбира „складирање и преработка на неопасен отпад“.
„Агенцијата за просторно планирање ги предложи овие две можни решенија. А, општината бараше да се најде законско решение. Се’ е менливо, на крајот, ова не ни мора да се донесе, ваквата намена. Ако Стратегиската оценка не гарантира безбеден третман – нема да се спроведе. Ниту ќе се објави, ниту ќе се реализира“, вели Георгиевски.
Според него, сепак треба да се подигне и почне да се решава прашањето за третирање на отпадот. Истовремено, како градоначалник се одлучил да се направи Стратегиска оценка во името на здравјето.
„Сега е време и експертите да се искажат, организациите, младите… Сакам и понатаму да соработуваме. Отворен е просторот за дијалог по прашањето. Сите овие денешни забелешки ќе ги вметмеме. На почеток сме. Доставете ги сите предлози и забелешки во писмена форма. Дислокацијата (на Макстил) останува како проблем и обврска што државата треба да го решава. Ни останува и секојдневната масовна злоупотреба што инспекциските служби треба да ја контролираат“, рече Георгиевски.
Бојан Шашевски