Здружението „Зелен институт“, во партнерство со здружението „Изгрејсонце“, спроведува проект „Граѓаните против корупцијата во животната средина“, за кој велат дека ќе придонесе за подобро управување со животната средина, овозможувајќи им на граѓаните да посочуваат и отвораат случаи на корупција во областите за злоупотреба на урбано зеленило, загадување на воздухот, опасни рудници, управување со отпад и поставување фотоволтаици на плодно земјоделско земјиште.
„Овие теми ќе се обработуваат на граѓански форуми што ќе ги организира ТВ Телма, во соработка со ‘Зелен институт’, а форумите ќе се снимаат и ќе се емитуваат како дебатни емисии ‘Топ тема“, објаснуваат од „Зелен институт“.
Првиот форум ќе се одржи утре, 17 декември од 13:30 часот во киното во Кисела Вода во Скопје, а темата ќе биде „Злоупотреба на урбано зеленило за згради“.
Потоа, на почетокот на февруари вториот форум на почетокот на февруари 2025 ќе биде во Велес на тема Аерозагадување“, третиот со тема „Опасни рудници“ во Струмица во средина на април, четвртиот на тема „Несоодветно управување со отпад“ во Тетово во текот на јуни, додека последниот е најавен со темата „Фотоволтаици на плодно земјиште“ во Битола, во средина на месец ноември, исто така во 2025 година.
„Ги покануваме сите заинтересирани граѓански организации, активисти и граѓани, да се здружат во таканаречени тематски граѓански коалиции, со цел зајакната борба против корупцијата во животната средина и да потпишат Меморандум за соработка“, стои во повикот на „Зелен институт“.
Од таму објаснуваат дека потпишувањето ќе се изврши на местото на одржување на граѓанскиот форум, а оние што нема да можат да присуствуваат, може да потпишат онлајн, пред одржувањето на форумот.
„Со проектот е предвидено на форумот да присуствуваат организациите, активистите и граѓаните што делуваат во градот кадешто тој се одржува, а другите да може да следат онлајн, преку Фејсбук страната на ‘Зелен институт’. Доколку има интерес за учество на форумите од други градови, трошоците за патување треба да се покријат од сопствени извори. Членките на граѓанските коалиции ќе можат да дискутираат на форумите и да придонесат за актуелизирање на темите. Некои членки на коалициите ќе бидат поканети да учествуваат на дебатните емисии ‘Топ тема’“, соопштуваат од еко-организацијата.
Покрај учеството на форумите и дебатните емисии, членките на тематските граѓански коалиции ќе бидат детално информирани за напредокот на проектот, ќе имаат можност да пријавуваат сомнеж за корупција и да добијат бесплатни правни совети и поддршка со отпочнување и спроведување антикурупциски иницијативи.
За пријавување на случаи со сомнеж за корупција ќе се користи посебна онлајн плаформа, што ќе биде достапна на веб страните на „Зелен институт“, ТВ Телма и „Изгрејсонце“.
„Платформата за пријавување ќе може да се споделува на социјалните медиуми и веб страните на членките на коалициите. Дополнително, заинтересираните организации, активисти и граѓани ќе може да се пријават за учество на обука за граѓанско новинарство. Првата граѓанска коалиција ќе се залага за откривање и спречување на корупцијата во урбанистичкото планирање, односно пренамената (злоупотребата) на урбано зеленило за градежно земјиште“, велат од Зелен институт.
Инаку, проектот „Граѓаните против корупцијата во животната средина“ се спроведува во рамки на програмата „Граѓаните против корупцијата (ГПК)“ – „Грантови и градење на капацитети“. Финансирањето е обезбедено од Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС), со средства доделени со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).