Апликацијата „МојДДВ“ преку кој граѓаните ќе можат да ги скенираат фискалните сметки за да можат да вратат 15% од износот на платениот ДДВ, од денеска е достапна за преземање преку Google Play Store платформата за апликации.
Сепак, граѓаните утрово се соочуваа со повеќе проблеми при обидот да ја инсталираат апликацијата.
За почеток, „МојДДВ“ во овој момент е достапна само за корисниците на смартфони кои користат Андроид оперативен систем, но не и за корисниците на смартфони кои имаат iOS или Windows Mobile оперативен систем.
Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, една од институциите кои се носители на овој владин проект, на денешната пресконференција информираше дека апликацијата за iOS оперативниот систем е изработена но сè уште чека на одобрување од платформата за апликации на Епл.
„Очекуваме во наредните денови апликацијата да биде достапна за преземање и од Apple Store, за корисниците на iOS оперативниот систем, бидејќи станува збор за мултинационална компанија која работи со посложени административни процедури при поставување на апликациите“, рече Лукаревска.
Од УЈП не соопштија дали се предвидува апликација и за Windows Mobile оперативниот систем.
Покрај проблемот со кој се соочија корисниците на Ајфон телефоните, граѓаните на социјалните мрежи реагираат и на потешкотии во пронаоѓање на апликацијата. На платформата Play Store апликацијата не може да се најде доколку се пребарува под името „МојДДВ“, а корисниците засега единствено можат да пристапат до неа преку следниов ЛИНК.
Оние кои веќе ја инсталирале новата апликација реагираат дека во неа, откако ќе биде скенирана фискалната сметка, никаде нема информации за платениот ДДВ и се прашуваат на кој начин ќе се пресметува повратот и дали ќе имаат увид во износите на сметките.
Во коментарите на корисниците дел од нив ја фалат апликацијата како лесна и едноставна за управување, но дел од корисниците реагираат и на проблеми во најавувањето, проблеми при скенирањето на фискалните бар кодови, но и загриженост околу тоа кој сè ќе има пристап до податоците на граѓаните, како и тоа дека како креатор на апликацијата не фигурира УЈП туку лицето Кирил Соколов.
Лукаревска објасни дека од платформата, во барањето за одобрување на Google Play Store, се барало физичко лице да фигурира како креатор на апликацијата и дека посоченото лице е дел од тимот на Акцент, која е компанија изведувач на апликацијата.
Граѓаните на апликацијата можат да се најават со истите податоците со кои се регистрирале на системот „Е-Персонален данок“, а потоа имаат можност да го скенираат баркодот од фискалните сметки за секоја купена стока или користена услуга која не надминува 30 илјади денари. Мерката предвидува на граѓаните да им се врати 15% од платениот ДДВ кој ќе го регистрираат преку оваа апликација. Првата исплата е предвидено да се изврши во декември 2019 година на сметките на граѓаните, а потоа повратот на ДДВ ќе се врши на секои три месеци.
Поврат на ДДВ може да изврши секој граѓанин кој има над 15 години, поседува документ за идентификација, има трансакциска сметка и е регистриран на системот на УЈП „Е-Персонален данок“.
Управата за јавни приходи информираше дека за граѓаните кои имаат потреба за поддршка во процесот, во своите 36 подрачни единици низ државата ќе обезбеди киоск апарати, бар код читачи и паметни телефони преку кои ќе може на лице место да се регистрира фискалната сметка.