Граѓаните селектираат шишиња и лименки за да добијат поени за пазарување во маркетите

Новите вендинг машини за селекција на лименки и пластика во скопските маркети привлекоа огромен интерес на граѓаните од Скопје и Тетово за селекција на отпадот. „Пакомак“ постави 25 нови вендинг машини во маркетите на Тинекс и ВЕРО во Скопје, како и 2 машини во ВЕРО во Тетово. Познатиот принцип од западноевропските земји за селекција на отпад преку добивање поени во маркетите успешно функционира кај нас, а од „Пакомак“ информираат дека во последниов период месечно имаат од 1.000 до 1.400 нови корисници на машините, кои ја инсталирале мобилната апликација на своите телефони и селектираат лименки и пластични шишиња, пишува Мета.

„До крај на оваа година ќе поставиме уште 30 машини, во Скопје и сигурно во Штип и Берово. Штип и Берово се одбрани бидејки како општини покажаа висока свест и решија и тие да учествуваат во стимулацијата на граѓаните за отпадот да го одложат во машините“, објаснуваат за Мета.мк од „Пакомак“.

Тие велат дека овие општини решиле да ги стимулираат своите граѓани за селекција на отпадот, но се разгледуваат можности до крајот на годинава да се постават вакви машини и во други општини низ земјава.

Досегашните вендинг машини, кои „Пакомак“ ги користеше во маркетите за селекција на отпад, веќе ги донирале во неколку училишта во Скопје, а една машина планираат да однесат и во основно училиште во Берово, со цел да ги едуцираат младите за важноста за селекција на отпадот.

„Дневно собираме над 30 кеси амбалажен отпад, што значи дека некои машини ги празниме и до 3 пати во текот на денот“, објаснуваат од „Пакомак“ за големиот интерес за користење на новите вендинг машини во Скопје и Тетово.

Мета.мк беше во обиколка на еден од скопските маркети, при што и самите се уверивме дека граѓани, постари и помлади без исклучок, пред пазарувањето, со торби полни со лименки и пластични шишиња ги користат овие вендинг машини. Бидејќи се поставени непосредно до касите, и кај останатите граѓани привлекува интерес ваквиот начин на функционирање на овој систем.

фото: Мета

Како функционира селекцијата на отпадот на машините?

Секој заинтересиран граѓанин може да ја инсталира мобилната апликација „Пакомак Екомак“. Откако ќе собере одредено количество на празни пластични шишиња од 0,33 до 1,75 литри и лименки исклучиво од пијалоци, граѓанинот треба да го однесе селектираниот отпад до некоја од вендинг машините во маркетите. По вчитување на баркодот од апликацијата на телефон на вендинг машината, селекцијата на отпадот може да почне.

За секоја селектирана лименка или пластично шише, се добива по 1 зелен поен кој има вредност од половина денар. На сите корисници на апликацијата, им се достапни ваучери за купување продукти во маркетите на ВЕРО и Тинекс во вредност од 10 до 300 денари. Овие ваучери можат да се искористат на каса при плаќањето на набавените производи, така што фискалната сметка ќе биде намалена за износот на вредноста на ваучерот.

Од „Пакомак“ објаснуваат дека од самото нивно основање собираат отпад од пакување согласно законските обврски, и тоа: хартија, пластика, метал, лименки, стаклена амбалажа, тетрапак и дрво. Нивната порака, особено до младите од земјава, е навиките и практиките во однос на отпадот што ги почитуваат кога ќе излезат надвор од Македонија во некоја европска земја, да ги практикуваат и кога ќе се вратат дома во земјава, за да бидат пример за останатите граѓани. 

Според податоците за 2021 година, „Пакомак“ рециклирале 24.008 тони амбалажен отпад, односно 55,3 отсто од лиценцираните количини, односно пријавениот амбалажен отпад кој е пуштен на пазарот од нивните клиенти.

Новите вендинг машини на „Пакомак“ се само еден од неколкуте успешни примери кои во изминатиов период се применуваат во Македонија, а кои имаат за цел да го зголемат процентот на селектиран отпад во земјава.

Јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“ од ноември 2020 година ги воведе повратните вендинг машини за селекција на лименки и пластични шишиња за граѓаните на Центар, кои преку нивните Green Pay картички може да селектираат отпад. Над 3.500 жители на скопската општина Центар имаат ваква картичка, која им овозможува на граѓаните да плаќаат за паркинг услуги, да купуваат пакети за гостински часови за паркирање или средствата да ги искористат во зелената мрежа на локали каде што можат да купуваат со попуст.

Социјалното претпријатие „РЕДИ Рециклажа“ уште кон крајот на 2021 година го започна нивниот проект за примарна селекција на отпадот од станбени згради во Скопје. На првичниот повик се пријавија околу 200 станбени згради од Аеродром, Карпош и други скопски општини, а избраните станари добија канти за селекција на пластика и хартија, кои редовно се празнат со електрични трицикли од страна на формализираните собирачи што се вработени во социјалното претпријатие.

И Државниот студентски дом „Скопје“ во април минатата година започна проект во скопските студентски домови, преку кој студентите кои рециклираат пластика и лименки преку нивната студентска картичка ќе можат да добиваат надомест на сметката на студентот. Студентите собраните средства преку проектот „Студентите рециклираат“ можат да ги користат за да купуваат со попуст во студентското бифе.

Процентот на селектиран отпад во Македонија е минорен

И покрај растечкиот интерес на граѓаните за селекцијата на отпадот и зголемувањето на бројот на иновативни проекти кои водат кон поголем процент на примарна селекција, последните податоци на Државниот завод за статистика велат дека дури 82,7 отсто од собраниот комунален отпад во Македонија за 2021 година бил измешан комунален отпад што завршил на македонските депонии. Наспроти ова, во процесот на примарна и секундарна селекција на отпад влегло само околу 13 отсто од целокупното ѓубре што било собрано во 2021 година.

Од „Пакомак“ велат дека процентот на селектиран отпад во Македонија ќе се зголеми со доследна имплементација на законите во врска со отпадот од пакување на целата територија од Македонија.

„Континуирана едукација на граѓаните, едукација на општините и нивните јавни комунални претпријатија дека еден ден кога ќе се имплементираат регионалните депонии како центри за собирање на отпадот секое депонирање на отпад на тие депонии ќе претставува трошок за општината односно нејзините жители“, велат од „Пакомак“ за мерките што треба да се преземат во насока на намалување на количеството на отпад што завршува на депониите.

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова пак веќе јавно најави дека ќе следи нова методологија за граѓаните и компаниите, со што цената на услугата за отстранување на отпад ќе се плаќа врз основа на произведеното количество ѓубре од нивна страна, а не како што досега се плаќаше врз основа на површината на живеалиштето. На овој начин, во Македонија во иднина ќе се мотивираат граѓаните повеќе да селектираат отпад токму преку месечните сметки за ѓубрарина, кои би се намалиле правопропорционално со зголеменото количество на селектиран отпад.

Мета