Граѓаните талкаат од општините до катастарот и обратно, бидејќи институциите немаат заеднички систем

Во претходната сторија објаснивме како за издавање на документ од катастар, треба да се извади уверение од општината, денеска ќе објасниме како за издавање на документ од општината, треба да се земе уверение од катастар. Значи административен апсурд, при што две институции бараат од граѓаните да ја докажат автентичноста на документите, нешто што би можеле сами да го направат доколку би биле поврзани на заеднички електронски систем. Но, ова е само “врв” на проблемот, истиот е подлабок, вината се префрла од еден на друг и ова се плаќа со времето, трудот и од џебот на граѓанинот, пишува Порталб.мк.

Градот Скопје, исто како и сите општини во Северна Македонија, не е поврзан преку електронскиот систем со Агенцијата за катастар на недвижности, орган на централната власт под чија надлежност се голем број служби поврзани со имотно-правни прашања. Меѓусебното поврзување на општините со оваа Агенција преку системот за интероперабилност би го олеснил издавањето одредени документи на граѓаните.

Во претходната сторија, Порталб.мк преку конкретни примери покажа како меѓусебното неповрзување на овие институции ги изложува граѓаните на бесмислени административни процедури, а и на финансиски трошоци. Така, наместо институциите сами да ги собираат податоците и документите преку електронски системи, тие ги обврзуваат граѓаните да одат од врата до врата за да извадат секакви „потврди“ и „уверенија“. Податоците што ги обезбеди Порталб.мк покажуваат дека дури и оние институции во земјава кои се поврзани преку Платформата за интероперабилност многу малку комуницираат меѓу себе.

Порталб.мк ја следеше внимателно постапката за издавање на „Потврда за точна адреса“, документ со кој се докажува исправноста на адресата на живеење, во случаи кога граѓаните го менуваат местото на живеење и затоа мора да ги ажурираат личните документи. За издавање на овој документ, меѓу другото, потребно е имотниот лист на живеалиштето да не е постар од шест месеци, бидејќи Градот Скопје и Катастарот не се поврзани меѓу себе.

Преку конкретниот пример ќе покажеме како граѓаните се принудени да вадат нов имотен лист, не постар од шест месеци, само поради тоа што Град Скопје нема пристап до системот на Катастар за да види дали има промена во имотниот лист во изминатиот период. Освен време и труд, граѓаните за нов имотен лист кој го вадат кај нотар плаќаат и по 200 денари.

„Потврда за точна адреса“

Скопјанец го сменил местото на живеење и затоа морал да ја смени адресата на живеење. За да се направи оваа измена, Министерството за внатрешни работи бара „Потврда за точна адреса“ која мора да ја издаде Град Скопје.

Издавањето на овој документ се врши во барака 16 во Секторот за категоризација, нумерација и именување на инфраструктурни објекти и трае од 2 до 5 работни дена. Меѓу потребните документи, граѓанинот мора да плати таксена марка од 50 денари, а имотниот лист не смее да биде постар од шест месеци (негово издавање чини 200 денари). Значи вкупниот трошок е 250 денари [доколку имотниот лист е постар од шест месеци].

Барање и потврда за точна адреса

Порталб.мк, ги прашаа надлежните на Град Скопје зошто се бара имотниот лист да не биде постар од шест, а тие истакнаа дека тоа се бара бидејќи во меѓувреме може да настанале измени.

„Се бара да не е постар од шест месеци бидејќи можело да дојде до промена на правата на недвижностите и на носителот на правото на недвижност; промена на облигационите права (договор за закуп, концесија и сл.); физичка поделба на катастарската парцела; окрупнување на повеќе катастарски парцели и формирање на нова парцела“, велат од Град Скопје.

Драган Гоцевски, фото: УКИМ

Според универзитетскиот професор Драган Гоцевски, Законот за општата управна постапка (ЗУП) од 2015 година дава инструкции дека секој орган кој води каква било постапка, доколку може да прибави какви било докази по службена должност од кој било друг орган, треба да го стори тоа по службена должност и да не ја оптоварува странката со трошоци.

„Меѓутоа, посебните закони сè уште не се сите усогласени со ЗУП и тоа создава дилема. Еден од проблемите е што Градот Скопје е локална власт, додека Катастарот е централна власт и неговите услуги се наплатуваат. Ова се надминува со дигитализација. Сè додека не се реши со закон дека Катастарот, за потребите на локалната самоуправа, по барање на странката нема да бара плаќање за давање податоци, тоа ќе остане како пречка. Да беше Градот Скопје поврзан со Катастарот преку некој електронски систем, немаше да има потреба да бара такви документи“, вели за Порталб.мк Гоцевски.

И професорот Борче Давитковски, во претходната сторија истакна дека според ЗУП самиот орган треба да ги собере сите документи а не граѓаните.

„Кај нас, согласно Законот за управна постапка, кога органите водат постапка се должни сами да ги соберат сите документи. Ова е задолжително, но овие никогаш не работат и ги малтретираат граѓаните, и на пример ако дојдат до општината, ги тераат да одат од шалтер на шалтер, те земи го овој, па земи го оној документ…“, рече Давитковски.

Според член 7 од Законот за општата управна постапка постапката мора да биде економична и ефикасна за странката, односно да биде што е можно поедноставна и поевтина:

Принципот на економичност и ефикасност на постапката

„Постапката мора да се спроведе на наједноставен можен начин, без одложувања и со што е можно помал трошок за странката, а сепак да се обезбеди целосно почитување на законските права и интереси на странките и со целосно почитување на фактичката состојба“, се наведува во член 7 од ЗУП.

Но, ова не е единствениот случај, како што објаснивме во минатата сторија, граѓаните плаќаат за неповрзувањето на овие две институции и кога сакаат да го ажурираат имотниот лист во Катастар. Значи, доколку е сменето името на улицата каде живее некој граѓанин и доколку тој сака да ги ажурира податоците во имотниот лист, прво треба да отиде во општината каде што живее, да земе потврда дека името на улицата е сменето и потоа оди во Катастар. За секоја промена треба да платат 300 денари, додека рокот за издавање на документот е 7 дена.

Ваквите апсурдни ситуации се само „врв“ на проблемот. Зад овие „уверенија“ и „потврди“ стојат институции кои не се меѓусебно поврзани преку електронски системи, како што имаат напредните земји.

Зошто Град Скопје не е поврзан со Катастарот?

Агенција за катастар, архивска фотографија

Од Агенцијата за катастар велат дека со Град Скопје склучиле договор за користење на електронскиот шалтер (е-Кат шалтер) на Агенцијата за катастар и недвижности. Договорот е со број 1015-1593/2 од 17.01.2018 година.

„Врз основа на член 3 од Договорот, преку апликацијата „е-Кат шалтер“, на корисникот на услугата му се обезбедуваат следните услуги: Поднесување поднесок за упис во Катастарот на недвижности; Поднесување барања за примање податоци од Геодетски катастарски информациски систем (ГКИС) во електронска форма“, велат за Порталб.мк од Агенцијата за катастар.

Тие додаваат дека според член 5 од Договорот, корисникот на овие услуги, податоците добиени од ГКИС, а кои се предмет на овој договор, може да ги дистрибуира на трети лица на следниов начин:

  • Доколку странката се претстави како барател на податоци, задолжително е да го пополни барањето со своите податоци, а корисникот на услугите при пополнување на електронското барање за давање податоци за користење од трети лица, е должен во барањето да ги внесе податоците на барателот.
  • Податоците од ГКИС, давателот на податоци ги доставува до корисникот на услугите во електронска форма потпишана од Агенцијата за катастар и недвижности со потврда заверена од овластениот издавач.
  • Корисникот на услугите добиените податоци ги печати во писмена форма, ги заверува со свој потпис и печат и ги дистрибуира до крајниот корисник. Тие податоци се јавни документи и корисникот на услугите е должен да ги печати само во еден примерок.

Сепак, договорот од 2018 година очигледно не е доволен за граѓаните да не бидат принудени да ги заверат измените на нивните документи во Катастарот и Град Скопје.

фото: Порталб.мк

Од Град Скопје велат дека градоначалничката Данела Арсовска неколку пати ја истакнала императивната потреба од обезбедување податоци за физичките лица и сопствениците на имот како даночни обврзници од Агенцијата за катастар на недвижности.

„До вицепремиерот Фатмир Битиќи е поднесено барање за да се направат напори за добивање податоци, согласно неговите јавни настапи. При поднесување на барањето за Потврда за точна адреса до Град Скопје, потребно е да се достави и имотен лист не постар од шест месеци, бидејќи во истиот може да настанале законски измени по различни основи, а градот не има податоци кои ги споделува со Агенцијата за катастар на недвижности за направените измени“, велат за Порталб.мк од Град Скопје.

За наведеното барање, Порталб.мк ја контактираше Владата, која потврди дека до кабинетот на Битиќи на 17.02.2022 година, од ЗЕЛС пристигнало барање дека на општините им се потребни податоци од јавните катастарски книги. За барањето, кабинетот на Битиќи испратил допис – барање одговор до Агенцијата за катастар и недвижности, за да се изјасни во врска со барањето на ЗЕЛС.

„По однос на поднесеното барање, Агенцијата за катастар и недвижности достави одговор до ЗЕЛС во кој детално се изјасниле за барањето и воедно го пополнуваат со обврски кои општините не ги исполнуваат, во смисла на генерирање на релевантни докази, или ажурирање и квалитативни податоци. Исто така, ве известуваме дека барањето на ЗЕЛС беше разгледано и на заедничката средба организирана на 30.03.2022 година помеѓу Управниот одбор на ЗЕЛС и претставници на Владата, но и директорот на Агенцијата за катастар и недвижности“, велат од Владата за Порталб.мк и го приложија целосниот одговор на Катастарот кој им е доставен.

Катастарот бара општините да платат за податоците од Информатичкиот систем за геодетски катастар

Според одговорот на Катастарот, кој бил испратен до Кабинетот на Битиќи, за услугите на Информатичкиот систем за геодетски катастар, општините мора да платат, бидејќи, унапредувањето на системите со цел подобрување на квалитетот на услугите што ги дава Агенцијата за катастар, ги финансира од нејзините приходи.

Според одговорот на Катастарот, општините ќе треба да плаќаат за услугите на Информатичкиот систем за геодетски катастар, бидејќи Катастарот унапредувањето на системите, со цел да го подобри квалитетот на услугите Агенцијата, го финансира со свои приходи.

„Согласно одредбите од Законот за катастар на недвижности и Уредбата за користење, распределба, пристап, обезбедување, чување и заштита на податоците од Информатичкиот систем на геодетскиот катастар, за користење и пристап до податоците на ГКИС се плаќа надоместок, освен кога податоците се неопходни за јавните обвинителства, Адвокатската комора на Северна Македонија и министерствата, но и за други субјекти во случаи утврдени со закон“, се вели во одговорот, кој во целост можете да го прочитате во документот подолу.

Целосен документ: Одговор од Катастар до ЗЕЛС од Порталб.мк

Оттаму велат дека во услови на континуирано усогласување на состојбата на регистарот на недвижности кој подлежи на данок и со кој раководат општините и градот Скопје, Агенцијата за катастар на недвижности врз основа на поднесените барања и соодветната исплата за давање податоци од ГКИС, согласно законските одредби, ќе ги достави податоците за недвижности кои се запишани во катастарот на недвижности.

Од катастарот информираат дека општините не водат евиденција за имињата на улиците

Меѓу неколкуте препораки од Катастарот за општините, Катастарот ги истакнува проблемите, и дел од нив беа опишани во сторијата на Порталб, при што меѓу другото беше објаснето како граѓаните мака мачат при справувањето со административната бирократија, откако општините за популизам ги менуваат имињата, но не ги ажурираат регистрите.

Според Катастарот, повеќето општини не водат евиденција за имињата на улиците, плоштадите, мостовите и другите инфраструктурни објекти и покрај тоа што се обврзани со закон.

„При посетата на општините, на чија територија се вршеа теренските активности, констатирано е дека голем број општини не водат електронска евиденција/електронски регистар на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти“, се вели во одговорот на Катастар.

Според нив, податоците за имињата на улиците и куќните броеви се чуваат во ексел или ворд табели, на хартија или воопшто не се води евиденција.

„Собирањето податоци го докажува фактот дека општините не ги почитуваат законските одредби за доделување имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти. Има голем број на неименувани и необележани улици (недостасуваат ознаки со називи на улиците), голем број на објекти се без куќни броеви (недостасуваат табели со бројот на објектите), има повеќе објекти со еден ист број, објекти со двојни адреси на улиците и слично“, велат од Катастарот.

Од Агенцијата за катастар додаваат дека за надминување на овој проблем организирала повеќе работилници, но општините не покажале интерес за започнување активности поврзани со податоците собрани од терен.

„Мора да се коригираат податоците за улиците и куќните броеви; да ги именуваат улиците за кои не се собрани податоци на терен; да ги усогласат имињата на улиците во согласност со електронските докази за имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти кои мора да ги одржуваат во согласност со Законот; да се доделат броеви на објектите за кои не е пронајден податок, да се спроведе нумерирање и повторно нумерирање на објектите; означување на улиците на терен, онаму каде што не се обележани; означување на објекти на терен, каде што не се обележани“, се наведува во препораките на Агенцијата за катастар.

Според нив, ова предизвикува недоследности во податоците за адресите во институциите кои врз основа на нивните законски овластувања се обврзани да имаат регулирани податоци за сите адреси, како што се Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за статистика, Дирекцијата за водење на матичните книги, Градот Скопје, општините во Северна Македонија, Централниот регистар на Северна Македонија.

Дигитализацијата на услугите, иако потребна, па дури и неопходна, во Северна Македонија се одложува и често е попречена од бирократски прашања на закони и процедури, додека технолошкиот развој и развиените земји „трчаат“ со голема брзина. Додека нашите институции се занимаваат со „потврди, печати и потписи“, напредните земји градат системи за да го олеснат пристапот на граѓаните до услугите, заштедувајќи го нивното време, труд и пари.

Мета