Граѓаните „вријат“ и бараат одговорност, институциите тврдат дека се работи на скандалот со Онкологија

Скандалот со Онкологија е најжешката тема моментално во Македонија. Граѓаните бараат одговорност и веќе има најавено протест што ќе се случува попладнево од 18 часот пред Владата и потоа Обвинителството, додека денеска со свои реакции, ставови и информации се јавија повеќе институции и функционери. Главно ја смируваат ситуацијата и очекуваат конкретен исход од истрагите за скандалот. 

Прес-конференција одржа Министерот за здравство, Фатмир Меџити, кој рече дека ќе стори сѐ што е во негова моќ да се расчисти случајот, додавајќи дека криминалот мора да има име и презиме, а не сите да се ставаат во ист кош. Министерот вели дека откако тој е на челната позиција на министерството, сѐ е отворено и транспарентно, а за другите не може да коментира.

Околу КАТО системот за дозирање и контрола на терапијата која се дава на пациентите кои се лекуваат на Клиниката за онкологија, рече дека не е фрлен и не е во подрум.

„Туку е во првичната просторија во која е поставен во клиничката аптека и таа соба е заклучена. Неколку месеци пред овој случај да излезе во јавност се правеа финансиски анализи дали КАТО системот да се врати во функција или да се обезбеди нов за контрола на терапијата. Веќе имаме остварено неколку состаноци и со новиот ребаланс на буџетот предвидуваме обезбедување систем кој долгорочно ќе ги спречи евентуалните злоупотреби во иднина“, изјави Меџити, додавајќи дека терапијата што сега се дава на Клиниката за онкологија е соодветна.

На прес-конференцијата беше присутна и в.д. директорката на Клиниката за онкологија, д-р Виолета Клисаровска. Таа го осуди секое несвесно и нестручно работење, посочувајќи да не се шират непроверени информации и да се почекаат извештаи од институциите. Според Клисаровска, од ноември 2022 година, кога таа е назначена за медицински директор – секој пациент ја добива препишаната терапија без никакви манипулации со лековите.

Во однос на медицинската сестра од Клиниката за онкологија, која на 28 февруари годинава беше фатена по вторпат како краде лекови, рече дека добила отказ на 23 мај.

„Претходно имавме сомнежи, имаше допрен глас, беше јавна тајна дека недостасуваат лекови. Откако сум јас директорка, подигнато е нивото на безбедноста на патеката на лекот… Не давам втора шанса никому, без разлика дали е украден скап лек или физиолошки раствор. Зошто медицинската сестра била вратена после првата кражба, треба да одговори претходното раководство. Сестрата беше ангажирана во дневната болница и не беше директно вклучена со растворањето лекови“, рече Клисаровска.

Спасовски: Случајот е злосторство, направен е целосен план за прибирање информации

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во летното издание на „Клик Плус“ на ТВ21, зборувајќи за истрагата во Клиниката на онкологија, рече дека не може да открие детали, но го оцени случајот како злосторство.

„Нема збор кој може да го опише тоа што се случува. Се изгубила човечката димензија, и ова се состојби кои во континуитет подолг временски период траеле. Вие знаете дека неколку пати имаше јавни натписи, имаше одредени пријави кои беа доставувани до министерството и до обвинителството, и тоа беше причината да се преземат дејствија. Колку и да е лошо и колку да боли, ова мора да се истера до крај и мора да се анализираат сите аргументи“, рече тој.

Според Спасовски, посебен тим од полиција работи во координација со обвинителството, направен е целосен план, и интензивно се работи на прибирање на информации во овој дел.

„Постојат постапки и процедури, бројот на лица во истрагата е поголем и не можам да излезам со бројки. Сето она кое се прави е да се утврди затоа што навистина виновниците имаат име и презиме и тие мора да бидат утврдени. За ваков чин, вакво злосторство, ваква нехуманост од било кого, нема да има никаква толеранција“, рече Спасовски.

Обвинителство работи на случајот, меѓувреме повикува да се доставуваат информации доколку има сознанија

Од Јавното обвинителство денеска соопштија дека интензивно се преземаат дејствија за наводите за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Онкологија. Односно, веќе се издадени наредби за анализа на одземените компјутери и податоци, истражните органи вршат распити, а формиран е и тим од стручни лица за анализа на медицинскатата документација.

Во исто време, велат од таму, свесни за чувствителноста на оваа тема за огромен број засегнати граѓани, апелираат на воздржаност од предвремено прејудицирање за текот на постапката и за одговорност на кое било лице.

„Јавното обвинителство ги охрабрува сите оние кои имаат сознанија во врска со овој предмет, да ги пријават на надлежните органи. Основното јавно обвинителство Скопје од претходно веќе води три постапки за изолирани случаи на обид за кражби на лекови и поткуп поврзани со Клиниката за онкологија, од кои едниот е веќе во судска постапка. И последните наводи ќе бидат детално проверени, а за сите резултати од преземените дејствија јавноста ќе биде веднаш известена“, соопштија од Обвинителството.

Премиерот очекува професионална и брза истрага  

Првиот човек на Владата, Димитар Ковачевски денеска го повтори ставот дека криминалот на Онкологија е „мултипартиски и мултиетнички“, нагласувајќи дека нема да има пардон за никого, без разлика на која политичка партија припаѓа. Повика случајот да не биде политизиран бидејќи, како што рече, на некој начин, тоа ќе значи прикривање на некого.

„Очекувам да се спроведе професионална, брза истрага, којашто ќе идентификува поединци кои се огрешиле пред закон и пред етички и морални принципи на докторската фела. Исто така повикувам да не се прави сензационализам и да не се обвинува целата докторска фела за нешто што го направиле поединци, бидејќи нашето здравство има професионални и прекрасни доктори кои се грижат за нашето здравје“, рече премиерот Ковачевски.

„Политизирањето на случајот ќе значи само на некој начин прикривање на некого. И затоа повикувам да не се политизира. И институциите најпрофесионално да го завршат она што е започнато“, додаде Ковачевски.

Пендаровски: Здравствениот систем очигледно потфрлил, изгубена е доверба, потребна е истрага без селективност

Претседателот Стево Пендаровски јавно достапните информации за сомнежите за злоупотреба на терапијата ги окарактеризира како „фрапантни и згрозувачки“. Според него, здравствениот систем очигледно потфрлил, со што е изгубена довербата не само кај тие болни, туку е доведен во прашање и квалитетот на лекување на секој иден пациент.

Пендаровски ги поздрави досега преземените дејствија од Обвинителството и МВР, а во исто време, повика на брзо и ефикасно комплетирање на истрагата и на судско-обвинителско процесуирање без селективност и соодветна казна за сите за кои ќе биде докажано дека сториле тешки дела против здравјето на луѓето.

„Крајно време е системот да потврди дека сме способни во пракса, а не само со зборови да се справуваме со тешките облици на организиран криминал и корупција и конечно да ја прекинеме културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите. Никогаш нема да бидеме вистинско европско општество со одолговлекување на судските постапки и отсуство на лична одговорност. За здраво општество ни треба правна држава во пракса, не на хартија. Потполно го разбирам гневот на граѓаните кои повикуваат на мирни протести, барајќи одговорност од оние кои заработувале на маките на најтешко болните наши граѓани“, соопшти Пендаровски.

***

Инаку, „Слободен печат“ уште пред 9 месеци објави дека на Клиниката се крадат скапите лекови кои наместо да им се дадат на пациентите, се препродаваат на црниот пазар. Потоа со серија текстови во „Слободен печат“ беа презентирани информации според кои на досиеја на починати пациенти кои починале во 2014, во 2022 година Клиниката уште фиктивно раздолжува лекови.

Неделникот „Фокус“ минатиот месец објави серија текстови за криминалот со препродавање скапа биолошка терапија на Клиниката за онкологија, која е воведена од 2019. Според изворите на „Фокус“, во оваа шема се вклучени повеќе лекари и медицински персонал на клиниката. Криминалот е вршен така што во системот се внесувале и блиски роднини на ексменаџментот на клиниката кои не се болни од рак, но лековите што се наменети за нив се препродавале. „Фокус“ објави и дека на дел од пациентите им се дава половична терапија без да знаат, со што скапата биолошка терапија завршува на црниот пазар, највeројатно во Косово.

Ваквите информации деновиве кулминираа со жестоки јавни реакции, барање одговорност од критичката и експертска јавност, но и повици за протести. Денешниот собир од 18 часот пред Влада го носи името „Протест против организираните убиства на Онкологија“. Иницијаторите, меѓу другото, велат дека скандалот не смее да помине неказнето и повторно само „кабелот да биде виновен“.

„Не прифаќаме одговорност од најнискиот еншалон во Онкологија – бараме кривична одговорност за владините функционери! Прво, бараме одговорност од министрите Венко Филипче, Беким Сали и Фатмир Меџити. Второ, бараме одговорност од замениците-министри за здраство Илир Хасани и Маја Манолева. Трето, бараме одговорност од поранешната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова Бухова и актуелната директорка Рената Младеновска. Четврто, бараме одговорност од поранешниот организационен директор на Клиниката Нехат Нухи“, се вели во најавата за протестот.

Бојан Шашевски
Фото: Принтскрин од видео на МИА