На 16.02. (вторник), со почеток во 10:30 часот во хотел Холидеј Ин во Скопје ќе се одржи настанот „Граѓанска дебата за слободно општество и социјална правда”.
Целта на оваа граѓанска дебата според организаторите е да се зајакне комуникацијата и размената на идеи и ставови меѓу факторите во граѓанското општество, да се усогласат минимум заеднички вредности и позиции во однос на општествено-политичката криза во државата и да се испратат пораки за кои ќе се побара мислење и поддршка од широкото граѓанско општество и од политичките фактори во државата.
„Токму во овој момент, кога политичката криза ескалира, слободата и понатаму е загрозена, живејачката не се подобрува, а следуваат парламентарни избори од пресудно значење за натамошниот развој на Македонија, важно е да усогласиме и да испратиме пораки за приоритетите на граѓанското општество и за она што граѓаните го очекуваат од политичките актери како излез од оваа состојба во која се наоѓаме.
Имајќи ги предвид разноликостите во ставовите и капацитетот кај граѓанските организации, ваквата јавна граѓанска дебата и подоцнежните пораки ќе бидат силен симбол дека граѓанските организации и активисти имаат капацитет за дијалог, дискусија и испраќање заеднички ставови до пошироката јавност и до сите релевантни политички актери. Настанот е отворен за сите заинтересирани посетители“, се вели во најавата за настанот организиран од Граѓаните за Македонија.