Граѓанската иницијатива која долги години се бори за зачувување и заштита на Водно, „Спас за Водно“ заедно со уште девет граѓански иницијативи од Скопјe, доставија четири барања до Владата, Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и Градот Скопје.
Ви ги пренесуваме во целост барањата на засегнатите граѓани, кои се загрижени од континуираното уништување и деградирање на Парк-шумата Водно:
„-Итно вклучување (учество или присуство) на граѓанската иницијатива „Спас за Водно“ во работната група формирана за изнаоѓање на заедничко прифатливо решение во однос на изградбата на Магистралниот гасовод Делница 5 Скопје-Тетово-Гостивар, како и непречен пристап до целокупната документација за истиот.
-Отстранување на градежната механизација наменета за изведба на гасоводната мрежа од Парк-шума Водно.
-Утврдување на границите на Парк-шума Водно и нивно јасно обележување на терен.
-Неодложно усогласување на статусот на заштита на Парк-шума Водно со тековниот Закон за заштита на природата.
Во изминативе години, Водно е нападнато со засилена урбанизација како од насока на градот, така и со неколкуте непотребни градежни проекти каков што е патот за Сончев град и телекомуникациската кула. Сведоци сме на континуирана злоупотреба на заштитената зона и непочитување на дефинираните граници на Парк-шума Водно, а гасоводот како проект низ сртот на Водно само ја прели чашата бидејќи претставува уште еден сериозен удар врз опстанокот на Парк- шумата Водно како оаза на зеленило и чист воздух. Со сите овие проекти се зголемува потребата од дополнителна патна и пристапна инфраструктура, како и протокот на сообраќај, што негативно се одразува на целиот жив свет.
Изградбата на трасата на Магистралниот гасовод Делница 5 преку сртот на Водно, за нас граѓаните, е неприфатливо решение бидејќи со градежните зафати трајно ќе се уништи голема површина на која има шума, ќе се измени ликот на планината и сериозно ќе се загрози био хабитатот на живиот свет на Водно.
За нас е неприфатливо објаснувањето од инвеститорот дека одлуката за минувањето на трасата по сртот на Водно е само затоа што таа опција е најефтино решение, што автоматски значи дека не и најсоодветно!
Затоа, транспарентноста и вклучувањето на граѓанскиот сектор при креирањето на политики и носењето одлуки и дејствија поврзани со Парк-шума Водно е од клучна важност, со што бараме наше итно вклучување преку УЧЕСТВО или ПРИСУСТВО во работната група за Делница5 од гасоводот, формирана по донесената одлука на 61. владина седница.
Водно е еден конкретен пример каде што од оваа Влада се бара да премине од ЗБОР на ДЕЛО во однос на транспарентноста и вклучувањето на граѓаните во одлуки кои ги засегаат.
„Спас за Водно“
„O2 Коалиција“
„Стоп на Загадувањето“
„Ние Сме Карпош 4“
„Воздух Сега!“
„Спас за Кисела Вода“
„Скопје Смог Аларм“
„Скопје бара чист воздух“
„Граѓанска група КАРПОШ 3″
„Зелено Тафталиџе“