Потребата за поефикасна соработка со Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) со граѓанскиот сектор е причина за формирањето на новиот Граѓански инспекциски совет. Се работи за група на 26 невладини организации, здруженија и високообразовни институции кои се залагаат за заштита на животната средина, па со ДИЖС ќе разменуваат искуства и знаења, а ќе пробаат да влијаат и на Инспекторатот, и да „буцкаат“ и други институции во надзорите и намалување на загадувањето.
Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС) денес беше презентиран на онлајн прес-конференција, како дел од кампањата „Разбистри се’“.
Идејата потекнува од Зелениот институт, од каде велат дека набрзо иницијативата се проширила преку Институтот за комуникациски студии до целата Алијанса „Разбистри се’“. Се фокусирале на ДИЖС, бидејќи тоа е централна институција во државата за контрола и казнување на загадувањето, кое станува многу критично.
„Според структурата, ова е мрежа на граѓански организации поврзани по хоризонтала, со Координативно тело од 7-10 члена. Во моментов сме 9 членови“, рече Лилјана Поповска од Зелениот институт.
Предвидено е ГИС да функционира со редовни двонеделни состаноци, средби со ДИЖС, на што оваа институција се обврзала. Исто така, најмалку едномесечни средби со целиот состав на ГИС.
„ГИС треба да ја користи својата експертиза во одредени области за решавање на замрсени случаи. Потоа, по договор може да поднесува барање, приговори и тужби до одредени институции и сите оние што не постапуваат по законите за заштита на животната средина. Ја известува јавноста за активностите, но и за проблемите“, потенцираше Поповска.
Во моментов, една од заменичките-координатори на Граѓанскиот инспекциски совет е Невена Георгиевска од „02 Иницијатива“. Меѓу првите активности, вели таа, ќе им биде Законот за инспекција во животната средина, кој веќе пет години е „заглавен“ на ЕНЕР и тапка во место.
„Потоа, една од првичните активности ќе ни биде и побарување ревизија на одредени документации, кои според извештаите на ДИЖС и инспекциите на терен, видовме дека имаат многу неусогласености со законите. Значи, за одредени елаборати, одлуки… Така да, ние ќе бараме ревизија на документи, за да видиме што се случувало, дали има одредена одговорност на службени лица, каде таа затаила итн“, објасни Георгиевска.
Се надева дека ќе направат трајни вредности во тоа како граѓаните можат да помогнат во работата на институциите.
„Не сме тука само да ги критикуваме, но и да ги поттикнеме да работат. Онаму каде нема работа, тогаш да ги примениме сите законски можности и ги принудиме да си ја завршат работата“, потенцираше Георгиевска.
Уште еден од заменик-координаторите на ГИС е Роберто Паризов од „Еко живот“ од Кавадарци. За него е важно да се напомене функционирањето на ниво на држава, не само на централно ниво, туку и во периферните делови и општини.
„Оваа иницијатива не е само протоколарна – само како формирање на ГИС. Туку една одговорна задача за граѓанските организации од животната средина, за да бидеме присутни каде има загадување или потенцијално загадување, кршење на правилата или законите“, вели тој.
Ана Петровска, в.д. директорката на Државниот инспекторат, рече дека целосно се отворени кон јавноста и ГИС, додека истовремено вршат надзор на околу 25 закони и 200 подзаконски акти преку редовни и вонредни инспекциски контроли.
Контролите се зголемени во изминатите месеци, вели таа, но се реализираат од само 16 инспектори. Располагаат со само еден инспектор за природа и двајца за водостопанство – за цела држава. Тие контролираат инсталации со А-интегрирана еколошки дозвола, елаборати одобрени од ресорниот министер, потоа дозволи за постапување со отпад, колективни постапувачи и правни лица, здравствени установи за медицински отпад…
„Опсегот на работа и одговорноста се исклучително големи, а ресурсите се ограничени. Затоа пред еден месец доставивме План за вработување до Министерството за финансии, со кој бараме вкупно 12 инспектори, со различен ранг, нешто советници, нешто помлади, кои секако ни се неопходни во Скопје и другите региони“, забележа Петровска.
Во однос на прашањето на Радио МОФ за општинските инспектори и нивната дејност, бидејќи во јавноста се добива впечаток дека само ДИЖС периодов работи против загадувањето, Петровска тврди дека редовно соработуваат и постапуваат со Град Скопје.
„Со другите општини, мора да признаам, имаме ад-хок комуникација. Таа комуникација треба да се подобри. Направивме списоци на општини и на сите овластени инспектори со контакти, за да ја олесниме комуникацијата. Има голем број на општини каде воопшто нема овластен инспектор. Замислете, во некои општини воопшто немаме можност да се реализира надзор и покрај што законот налага“, забележа таа, потенцирајќи дека често доаѓа повик до ДИЖС онаму каде недостасува капацитет.
„На тој начин, ги трошиме нашите ресурси, наместо да ги насочиме каде се покомплексни состојбите. Новиот Закон за инспекциски надзор што сега го работиме, а кој ќе биде отворен и за јавноста, овие прашања специфично ќе се обработат“, нагласи таа.
Дејан Андонов од Институтот за комуникациски студии се осврна и на денешното одбележување на Светскиот ден на водата, 22 март. Мотото е вреднување на водата, што целосно коинцидира со целите на нивната кампања „Разбистри се’“, кои треба да се исполнат под примена на одредбите од Законот за води.
Односно, одржливо користење, зачувување, постојано подобрување на расположливите водни ресурси, прибрежното земјиште и биолошката разновидност, како и потребата за намалување на испуштање опасни материи и супстанции во водите.
Имплементацијата на законодавството во Македонија е на многу ниско ниво. Водниот ресурс се користи нерационално и не ја добива адекватната заштита како медиум за животна средина. Понатаму, нема институционален капацитет и опрема за имплементација, но и недоволно се издвојуваат средства од државниот буџет за законодавството. Во оваа насока, Граѓанскиот инспекциски надзор претставува исклучително важен сегмент од постапките во животната средина“, нагласува Андонов.
Бојан Шашевски