Здруженијата „Канабис клуб“, „Зелена алтернатива“ и младите на Либерално-демократската партија испратија соопштение до јавноста во кое велат дека единствената дебата околу легализацијата на канабисот во медицински цели треба да се води во насока каков закон треба да се донесе во Р.Македонија за регулирање на овој сегмент од здравствената заштита.
Тие сметаат дека здравјето на граѓанинот секогаш мора да е на прво место и секоја друга полемика е излишна.
„Основното прашање сега е што треба да потврди и регулира законот за легализација на канабисот за медицински потреби?
Се поевидентни се доказите и истражувањата во светски рамки за лековитите дејства на канабисот.
Затоа ја поздравуваме и подготвеноста на останатите политички партии и општествени чинители во Р. Македонија да се отвори дебата за легална употреба на канабисот за медицински потреби со строго утврдени правни механизами.
Граѓанските здруженија ја информираат македонската јавност дека со оглед на тоа што септември е месец на конопот, наредните три викенди ќе бидат исполнети со различни настани како возење велосипед, коноп-фест и семинар со еминентни лекари и професори од странство, експерти на оваа тема.
Воедно ги повикуваме сите граѓани кои се поддржувачи на легализацијата на канабисот за медицински цели да се приклучат на првиот од низата настани: „ВЕЛО- ТУРА“ во организација на „Канабис клуб“, кој ќе се одржи во недела во Градски Парк „на школка“ со почеток во 12:00 часот“, се вели во соопштението на „Зелена алтернатива“ и „Канабис клуб“ како и младите на Либерално-демократската партија.
Неодамна премиерот Никола Груевски изјави дека општата легализација на марихуаната не треба да се прифати. Тоа би донело до лоши последици долгорочно.
„Истовремено, прашањето за увоз и пуштање во употреба со лекарски рецепт на лек, кој е базиран на масло од канабис под строго регулирани услови, треба да биде опсежно проучено и јавно дебатирано, не од политичари или новинари или пак политички аналитичари, туку од лекари специјалисти во областите, фармацевти, доктори на науки и напредни научници исклучиво на стручна база“, истакна Груевски.
Потребно е, смета тој, темелно да се проучи затоа што, како што рече, во некои држави во Европа и САД овие лекови се дозволени, а во некои не, и какви се нивните искуства. Дури потоа, истакна премиерот, може да се завземе став по однос на овој вид медикаменти.