Младински културен центар – Битола (МКЦ-Битола), по јубилеен 15-ти пат оваа година, го организира Меѓународниот младински арт фестивал „Битола отворен град 2016“.
Целта на фестивалот е да придонесе во афирмацијата на Битола како град со позитивни вредности и креативна енергија и нејзина промоција како центар на прогресивната младина во југоисточна Европа, отворен за меѓународна соработка и креативна енергија.
Тема на фестивалот оваа година е„Граѓански активизам“ и преку креативни уметнички форми, јавни дискусии, концерти, работилници и улични перформанси, ќе се испрати порака дека „Граѓаните се пред се“, велат организаторите.
„За време на социјална и политичка криза, традиционалните културни стереотипи се закануваат да ја задушат слободната урбана култура. Земајќи го во предвид овој негативен контекст, од една страна, и желбата за иновација и промоција на различни уметнички трендови, од друга страна, МКЦ – Битола го организира овој фестивал оваа година на тема – Граѓански активизам“, се вели во соопштението.
Фестивалот трае четири дена и оваа година терминот за одржување е 22-25 јуни 2016 година. Сите настани на „Битола отворен град 2016“ се отворени и бесплатни.
Програмата на „Битола отворен град 2016“ е поддржана од USAID MSI.