„Граматика на љубовта“ на Тихомир Јанчовски во Лабораториум

Вечерва (25 септември), со почеток во 20 часот во културниот центар „Лабораториум“, Тихомир Јанчовски, ќе одржи поетски концерт со читање на неговата последна збирка поезија „Граматика на љубовта“.

Како што информираат организаторите, на сцената заедно со Јанчовски ќе настапат Иво Солдатовиќ и Андреа Мирчевска, кои со своите музички перформанси ќе го збогатат амбиентот на вечерта.

Книгата на Јанчовски може да се купи како влезница на настанот.

„Како продолжение на вечерта, посетителите ќе можат да учествуваат во ‘Експериментален Љубовен Џем’ – импровизациска музичка сесија во која ќе учествуваат некои од најпознатите имиња од македонската музичка сцена. Специјални гости на оваа сесија ќе бидат Добрила Грашеска, позната по нејзиниот автентичен вокал, и Бранислав Николов, фронтменот на популарната група ‘Фолтин’, како и многу други музичари“, велат организаторите.

Јанчовски е поет, колумнист и преведувач. Роден е во 1967 година, во Скопје. Дипломирал општа и компаративна книжевност на УКИМ (1991), специјализирал средновековни студии во Унгарија (1996), магистрирал современа историја (2008). Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, грузиски, персиски и италијански јазик.