Гран при награда за филмот „Заедно, сами“ на турскиот режисер Касим Ордек на Галичник филм фестивал

Во конкуренција од 33 краткометражни филмови, Гран при наградата на Галичник филм фестивалот (ГФФ) оваа година ја понесе филмот „Заедно, сами“ на турскиот режисер Касим Ордек, а на главните протагонисти во филмот Еџем Узун и Мерт Доган им припаднаа и наградите за најдобра женска и најдобра машка улога, соопштија денеска од ГФФ.

На свеченото затворање на фестивалот кое се одржа синоќа со прогласување на добитниците на наградите за краткометражни филмови во три натпреварувачки категории, наградата за најдобро сценариото му припадна на швајцарскиот режисер Зоел Ешбахер за неговиот краткометражен филм „Фер игра“.

Во меѓувреме, грчката режисерка Софија Георговасили со филмот „Мемоар за застрашувачка бура“ ја понесе наградата за најдобра режија.

Канадскиот режисер Лојд Ли Кои е добитник на наградата за најдобра кинематографија за неговиот филм „Сé по старо“.

Наградите за најдобар краткометражен филм според трите натпреварувачки категории на фестивалот припаднаа на филмот „Ти ветив рај“ на режисерот Морад Мостафа од Египет во категоријата за најдобар игран филм, филмот „Ева“ на руската режисерка Олга Смирнова се закити со наградата за најдобар документарен филм, додека пак за најдобар анимиран филм, наградата ја понесе полската режисерка Ева Смик со „Носталгија за дома“.

Тричлената жири комисија беше составена од актерот Сашко Коцев, продуцентката Елена Станишева и режисерот Георги Унковски.

Филмскиот фестивал кој траеше од 4 до 6 август е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, реализиран од „Дарма филм“ и Месната заедница Галичник, а главен спонзор на овогодинешното издание беше Халк Банка.