Хрватската авторка Јасна Жмак за претставата „Ова е мојата вистина, кажи ми ја твојата“ („this is my truth, tell me yours”) ја доби Гран при наградата „Мира Траиловиќ на годинешното 58. издание на Белградскиот интернационален театарски фестивал (БИТЕФ) што се одржуваше од 25 септември до 4 октомври под слоганот „Убавината (не) ќе го спаси светот“.
„Ова е автентична, прецизно артикулирана, повеќеслојна изведна во форма на предавање-перформанс во кој авторката зборува за традиционалните патријархални и капиталистички ограничувања во практикувањето на изведувачките уметности. Бевме воодушевени од спојот на нежност, дарежливост и искреност, а особено сакавме да ја истакнеме и поддржиме кревкоста и неуништливата содржина на оваа претстава“, се вели во одлуката на жирито во состав на француската режисерка Марин Ман, актерките Јелена Ступљанин и Тијана Лазовиќ, драматургот и писател Димитрије Коканов и новинарката и критичарка Наташа Трипни.
Специјалната награда „Јован Ќирилов“ ја поделија претставите „Сексуална едукација ||: Борба“ и „Трилогија моќта на кучката – | Поглавје: Невеста и добра ноќ, Пепелашке“.
„’Сексуална едукација ||: Борба’ во режија на Тјаша Чрингој се потпира на нашето заедничко минато со цел да истражи како абортусот влегол во уставот на Југославија и тоа го поврзува со денешното време кога на жените во многу земји повторно им е одземено тоа право. Такви претстави ни се неопходни, затоа што сексуалното образование во нашето општество речиси и да не постои“, наведуваат од жирито.
Втората специјална награда ѝ беше доделена на Каролина Бјанка и бразилската компанија Кара де Кавало за „Трилогија моќта на кучката – | Поглавје: Невеста и добра ноќ, Пепелашке“, а во образолжението на жирито стои: „Имресионирани сме од веродостојноста на изведбата на Бјанка, сложеноста на текстот и начинот на кој ова дело ја отфрла катарзата, за што и одлучивме да ја доделиме специјалната награда на оваа претстава“.
Режисерот Мило Рау кого го нарекуваат највлијателен, најконтроверзен, најамбициозен уметник на нашето време за претставата „Антигона во Амазон“ е добитник на годинешната награда за најдобра режија што ја доделува културната рубрика на српскиот весник „Политика“.
Наградата од публиката со оценка 4.80 од 179 гласови ја освои „Сексуална едукација ||: Борба“. На второ место се најде „Антигона во Амазон“ (4.76), а на трето „Хекаба, не Хекаба“ (4.74).
Главната програма на 58. БИТЕФ се состоеше од десет претстави од Германија, Фрнација, Швајцарија, Боливија, Бразил, Холандија, Белгија, Словенија, Хрватска и Србија. Селекцијата ја направија Никита Миливојевиќ, Тијана Грумиќ и Ксенија Ѓуровиќ.
Радио МОФ годинава го посети БИТЕФ и имаше можност да ги гледа претставите „Хекаба, не Хекаба“ и „Ќе направиме нешто за војната, родот и слободата, ќе се вика: ‘Што би рекла Челзи?’“. Повеќе прочитајте на линковите во продолжение.
[Рецензија] 2.500 години меѓу светот на Хекаба и Надија кои делат иста траума