Украинскиот претседател, Володимир Зеленски ја обвини Русија дека извршила воено злосторство откако руската армија гранатираше детска болница во градот Мариупол.
Во нападот загинале повеќе деца, а повредена била и бремена жена која чекала породување. Според украинските власти ова бил само еден од вкупно три напади кои руската војска ја извршила врз болници вчера. Бомбардирани биле и две болници во градот Житомир, кој се наоѓа на околу 150 километри западно од Киев.
„Воен напад врз породилиште е конечен доказ дека се спроведува геноцид врз Украинците. Европејци, нема да можете да кажете дека не сте знаеле што се случува на Украинците во Мариупол. Поради тоа мора да ги зголемите санкциите врз Русија, на тој начин што никогаш повеќе нема да може да го продолжи овој геноцид. Морате да извршите притисок врз Русија за таа да седне на преговарачка маса и да се стави крај на оваа варварска војна“, рече во видео обраќање Зеленски.
Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутиереш ги осуди нападите, апелирајќи насилството да престане веднаш.
„Денешните напади врз болницата во Мариупол во Украина, каде се наоѓа детска клиника и породилиште се ужасни. Цивилите ја плаќаат највисоката цена за војната која нема никаква врска со нив. Ова бесмислено насилство мора да сопре. Престанете со крвопролевањето веднаш“, напиша Гутиереш.
Светската здравствена организација соопшти дека досега потврдиле 18 напади на медицински објекти откако започна руската инвазија врз Украина пред две недели.
Вчера околу 35 илјади Украинци ги напуштиле опколените градови, откако беше прогласен прекин на нападите за да се евакуира цивилното население. Сепак оваа бројка беше помалку од очекуваното бидејќи неколку обиди за евакуација повторно не биле успешни. Украинските власти изразија надеж дека евакуацијата ќе продолжи и денеска со нови три хуманитарни коридори кои треба да бидат отворени во Мариупол, Волноваха и Изиум.
Според УНХЦР досега преку два милиони бегалци ја напуштиле Украина.