Грција ќе го ограничи дневниот број на посетители на атинскиот Акропол на 20.000 луѓе

Посетите на Акрополот во Атина, најпопуларното археолошко наоѓалиште во Грција ќе бидат ограничени од следниот месец на максимум 20.000 дневно и ќе подлежат на различни ограничувања за влез на час, соопшти вчера грчката влада, јавува Екатимерини.

Министерката за култура Лина Мендони рече дека контролите се потребни за да се спречат тесните грла и пренатрупаноста на Акрополот кој е прогласен за светско наследство на УНЕСКО.

Околу 23.000 луѓе дневно го посетуваат споменикот, воглавно во поголеми групи кои го посетуваат пред пладне.

„Тоа е огромна бројка. Очигледно туризмот е посакуван за земјата, за сите нас. Но, мора да најдеме начин како прекумерниот туризам да не му наштети на споменикот“, рече Мендони во интервју за радиото „Real FM“.

Новите ограничувања најпрво ќе се пробни и ќе започнат од 4 септември, а трајно ќе стапат на сила од 1 април 2024 година, рече министерката.

Нема да има ограничување за тоа колку долго може да траат посетите, иако Мендони рече дека луѓето кои доаѓаат со организирани тури или од бродови за крстарење, кои сочинуваат околу 50% од дневниот број на посетители, поминуваат во просек 45 минути на локацијата.