Печките на дрва во урбаните места се одговорни за речиси половина од изложеноста на луѓето на хемикалии кои предизвикуваат канцер кои се наоѓаат во честичките од аерозагадувањето, покажува ново истражување.
Полицикличните ароматски јаглеводороди (ПАХ) во малечките честички од загадувањето се создаваат од согорување горива кои веќе долго време се знае дека имаат канцерогени ефекти. Новата студија, која го истражувала изворот на ПАХ-овите открива дека согорувањето дрва произведува повеќе од овие хемикалии отколку бензин и дизел горивата кои се користат од автомобилите.
Анализата е направена во Атина, Грција, но научниците се сигурни дека ова се случува и во сите други земји. Според нив, горењето дрва во домовите е значителен проблем за урбаниот квалитет на воздухот низ Европа и дека прекумерна изложеност на чад од дрва може да има сериозни здравствени ефекти.
„Атина не е исклучок, туку повеќе пример за правилото. Од една страна оваа студија е – ох, Боже, ова е страшно. Но, од друга страна таа укажува што луѓето можат да направат за да го намалат ризикот без премногу напор. Едноставно треба да престане горењето дрва“, објаснува Атанасиос Ненес, од Фондацијата за истражувања и технологии во Патра, кој е дел од тимот зад истражувањето.
За потребите на истражувањето биле земани примероци од воздухот во Атина секој ден во текот на една година. Потоа овие примероци биле анализирани за 31 ПАХ-ови, и други хемиски маркери. Различни соединенија се поврзани со различни извори на загадување и тие им овозможиле на научниците да ја пресметаат пропорцијата на ПАХ-овите создадени од секој извор. Тие откриле дека 31% од ПАХ-овите доаѓале од согорување дрва, најчесто во зима, 33% од дизел и масла и 29% од бензин.
Некои од ПАХ-овите се поканцерогени од другите, сепак, кога се` ќе биде земено во предвид, пропорцијата на ризик од канцер за луѓето како резултат на горењето дрва расте на 43%, на второто место е дизелот и маслото со 36% и на крајот бензинот со 17%.
„Знаеме дека чадот од горењето дрва е потоксичен од другите видови честички“, посочува Ненес, додавајќи дека резултатите јасно покажуваат дека горењето дрва е главен двигател на долгорочниот канцероген ризик.