Илјадници граѓани и активисти во Германија активно протестираат против одлуката да се демолира германското село Луцерат и да се прошири локалниот рудник за јаглен. Вчера, активистите се судрија со полицијата откако се обидоа да влезат на територијата на селото, но и во рудникот, јавува „Euronews“.
Шведската еко активистка Грета Тунберг им се придружи на присутните кои извикуваа „Не сте сами“ и „Спас за секое село“.
Според организаторите, на протестот присуствувале 35.000 лица, додека бројката на полициски службеници се искачила на 15.000. Од германската полиција велат дека присутните ги турнале бариерите и дел од нив успеале да влезат во проблематичниот рудник.
Германските медиуми пренесуваат декаполицијата употребила водени топови и гумени куршуми пред влезот на Луцерат за да се спречи влез на демонстранти.
Тунберг изјавила дека судбината на Луцерат и проширувањата на рудникот не е само проблем за Германија.
„Во глобалната битка против климатските промени сите се важни. И доколку еден од најголемите загадувачи, како Германија, и еден од најголемите историски испуштачи на јаглеродни емисии прави нешто вакво, последиците ќе ги почувствуваат сите – најмногу оние кои веќе ги чувствуваат промените од климатската криза“, изјавила активистката.
Германските активисти тврдат дека демолирањето на селото со цел да се прошири рудникот ќе резултира со испуштање на големи количини јаглеродни емисии, додека пак германските власти сметаат дека јагленот е потребен за државата да се обезбеди со енергенси.