Грета Тунберг повика на промена во начинот на производство на храната

Шведската активистка за клима, Грета Тунберг повика на промена во начинот на производство и консумирање на храната во светот, со цел спротиставување на емисиите на јаглерод, епидемиите и страдањето на животните.

На видеото кое Тунберг го објави во саботата на Твитер, таа посочи дека доколку се промени начинот на производство на храна ќе се намали влијанието на земјоделството врз животната средина и болестите како Ковид-19, за кои се верува дека потекнуваат од животни.

„Нашиот однос со природата е уништен. Но, односите можат да се променат“, рече Тунберг на Меѓународниот ден на биодиверзитетот.

Фокусот на земјоделството и поврзувањето на климатската криза со пандемијата е новиот пристап на младата активистка, која инаку својот гнев го насочува кон креаторите на политики и емисиите на јаглерод од фосилните горива.

„Климатската, еколошката и здравствената криза се поврзани“, рече Тунберг.

Истовремено, Тунберг рече дека ширењето на болеста од животни на луѓе е предизвикано од земјоделски методи и додаде дека преминот на растителна исхрана може да заштеди до осум милијарди тони јаглерод диоксид годишно.

Светската здравствена организација наведе дека коронавирусот најверојатно се пренел на луѓето од лилјаците преку друго животно, додека научниците истакнуваат дека 60 отсто од заразните болести кои се појавиле меѓу 1990 и 2004 година потекнувале од животни.