Грета Тунберг вели дека нема да присуствува на климатската конференција „Коп26“

 

Според шведската активистка, нееднаквоста при дистрибуцијата на вакцините значи дека државите нема да учествуваат подеднакво, пренесува „Гардијан“.

Осумнаесетгодишната активистка смета дека до ноември, богатите земји ќе вакцинираат здрави млади лица на сметка на луѓето од ризичните групи во останатиот дел од светот.

„Поради екстремно нееднаквата дистрибуција на вакцините, нема да присуствувам на конференцијата „Коп26“, доколку состојбата кај земјите во развој продолжи да биде иста“, изјави Тунберг.

Таа нагласила дека конференцијата треба да биде одложена доколку земјите во светот не можат да учествуваат според исти услови. Климатската конференција веќе еднаш беше одложена, а оригинално беше планирана за во ноември 2020 година.

Сепак, Тунберг изјавила дека доколку ситуацијата со вакцините се подобри, таа може да ја промени нејзината одлука.

„Се разбира, би сакала да учествувам на конференцијата, но не во услови кога владее нееднаквост“, изјавила таа.

Тунберг, која започна да се бави со активизам на 15 години за да го сврти вниманието кон климатската итност, ја доби наградата од „Амнести интернешнл“ за човекови права, а во 2019 година магазинот „Тајм“ ја прогласи за личност на годината.