Гром удри денеска попладне кај охридската плажа „Оревче“, која се наоѓа во близина на автокампот „Градиште“, при што четири лица се здобиле со изгореници. Случајот го потврди СВР Охрид, од каде информираат дека 13 лица пријавиле повреди предизвикани од громот. Притоа четири лица се здобиле со изгореници на екстремитетите, додека другите биле без видливи повреди, но со тегоби од претрпениот стрес.
Во врска со настанот се огласија и од плажата Оревче.
„Ве известуваме дека, според очевидците, громот удрил во езерото на неколку метри од брегот. Полесно беа повредени неколку гости кои седеа на три до пет метри од водата. Во моментот на громот воопшто немаше невреме или голем дожд, па затоа ништо не навестуваше дека ќе има таков силен удар. Веднаш реагираше спасувачот ангажиран од наша страна преку Црвениот крст Охрид, а да помогнат притрчаа и дел од гостите кои останаа присебни. За неколку минути паниката беше смирена, а неколкумина со лесни изгореници заминаа на лекарски преглед. Со оглед на лошите временски услови денеска на плажата немаше многу гости, а беше откажан и настапот на диџеите. Тимот на Оревче жали за немилиот настан, а на нашите гости им посакуваме брзо закрепнување“. стои во нивната реакција.
Инаку и денеска, нешто по 14 часот, Охридскиот регион го погоди краткотрајно невреме проследено со краткотрајни, но интензивни врнежи од дожд, наместа град и молњи.