Во првите шест месеци од работењето, функционерите во Владата предводена од Зоран Заев потрошиле 21,9 милиони денари за службени трошоци, што е двојно помалку во споредба со 44,9 милиони денари кои биле потрошени од функционерите во Владата на Никола Груевски во истиот временски период во 2014 година.
Ова го покажуваат бројките кои Владата ги објави преку новата веб-платформа за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции, во која се внесени трошоците на 60-тина владини функционери направени во периодот од 1-ви јуни до 1-ви декември 2017 година, додека за споредба вметнати се и службените трошоци на Владата на Никола Груевски во истиот период од 2014 година.
Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, при презентирањето на веб-платформата изјави дека во минатото властите криеле информации од граѓаните, а преку оваа алатка новата Влада сака да поднесе целосен извештај за нивното работење.
„Како што вие, граѓаните, внимавате како го трошите секој денар од парите кои ги заработувате, ако во потрага по пониска цена за некој производ сте подготвени по неколку пати да ги прошетате пазарите и маркетите, истиот принцип мора а важи и за нас, вашите политички претставници“, рече Поповски.
Додека се споредат службените трошоци на премиерите Зоран Заев и Никола Груевски, може да се увиди дека актуелниот премиер за половина година потрошил скоро двојно помалку од поранешниот претседател на Владата. Додека Груевски потрошил 5,18 милиони денари, Заев потрошил 2,92 милиони денари.
Најголемата разлика има кај трошоците за авионски карти, на кои Груевски потрошил 17.000 евра, додека Заев потрошил само 1.200 евра. Заев трошел повеќе од Груевски за вип салони на аеродроми, изнајмување возила во странство, како и за дневници при патувања во странство, додека Груевски трошел повеќе за хотелско сместување во странство, подароци кои ги подарувале при службените патувања и за јавен превоз.
Двајцата премиери најголем дел од службените трошоци ги правеле за угостителски услуги во земјата и странство. Во шестмесечниот период кој е достапен на платформата на владината интернет-страница, Груевски потрошил скоро 3 милиони, а Заев нешто преку 2 милиони денари вкупно за оваа намена. Односно месечно за угостителски услуги во мензите, бифеата и рестораните на институциите и ресторани во земјава и странство, Груевски трошел скоро 8.000 евра, а Заев 5.700 евра.
Од актуелните владини функционери најмногу службени трошоци потрошил Зоран Заев (2,92 милиони денари), а по него следуваат вицепремиерот Бујар Османи (1,74 милиони), миниистрите Никола Димитров (1,6 милиони), Крешник Бектеши (1,55 милиони) и Роберт Алаѓозовски (1 милион денари).
Најмалку трошел државниот секретар во Министерството за здравство Владимир Милошев (4.155 денари), Заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу (8.023 денари), поранешниот Заменик министер за образование, а сега градоначалник на Чаир, Висар Ганиу (17.456 денари), Министерот Роберт Поповски (21.812 денари) и државниот секретар во Министерството за локална самоуправа Кирил Парталов (24.496 денари).
Од Институциите на актуелната извршна власт, за половина година, најмногу службено потрошила Владата, околу 100 илјади евра. Министерството за надворешни работи е на второто место со 35.000 евра и Министерството за економија и Секретаријатот за европски прашања со по околу 28.500 евра.
Поповски напомена дека ќе се обиде да издејствува оваа алатка, покрај владините функционери, да ја применуваат и претставниците на законодавната и локалната власт.
„Ќе направам сè овој принцип да биде применет кај сите избрани функционери во Македонија. Тоа значи локалните самоуправи, пратениците во Собранието, како и обвинителствата… Не само финансискиот дел, туку и наративниот дел. Овој принцип мора да допре до секоја пора во општеството ако сакаме да имаме нормална земја. Таењето на информации создава два проблеми, првиот е претпоставка за криминал, а вториот е – дури и луѓето да се чесни во работата, луѓето не им веруваат бидејќи секое таење создава сомнеж“, рече Поповски.
Министерот информираше дека засега пресекот на трошоците е направен на половина година, со надеж дека службените трошоци функционерите во иднина ќе почнат да ги внесуваат и на месечно ниво или почесто, со што платформата би прикажувала поактуелен приказ за тоа како функционерите ги трошат парите на граѓаните.
Министерот извести дека изработката на софтверот не претставувало трошок, бидејќи го изработиле вработените во Владата.
Даниел Евросимоски