Група ирански активисти за правата на жените објавија „Женска повелба на правата“ за која велат дека треба да претставува основа за новиот устав кој би се базирал на еднаквост, разновидност на сексуалноста, родот, етникумите и религијата во земјата кога ќе биде отстранета сегашната власт на исламистите.
Групата позната под називот „Ирански феминистички колектив за жени, живот и слобода“ вели дека целта на документот е да обезбеди јасен и прецизен патоказ кој ќе ја покажува историјата на борбата за права на жените и нивните најважни права кои би биле вклучени во идните правни документи.
Дел од текстот вклучува и повик за одржување референдум за новиот устав кој ќе мора да биде изгласан од граѓаните и кој треба да биде „форма на секуларна власт базирана на социјална и економска правда“.
Документот исто така повикува следната влада да ја усвои и имплементира Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на Обединетите нации за „Жените, мирот и безбедноста“ и поврзаните резолуции без никакви услови или одлагања, додека истовремено би се утврдила религијата како приватна работа.
Од смртта на Махша Амини во септември, која почина во притвор поради наводно прекршување на строгите правила за носење шамија преку главата, Иранките масовно излегуваа на протести низ земјата барајќи поголеми права. Демонстрациите на жените и ученичките беа досега најголема закана за исламската влада од револуцијата во 1979 година.
Иранскиот режим одржа неколку контрапротести и започна со насилно сузбивање на демонстрациите со цел да го задуши револтот, но протестите продолжуваа во универзитетите и училиштата кои станаа главно место за судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Иранските безбедносни служби покренаа и повеќе рации на училиштата низ земјата во кои насилно апсеа студенти, особено жени кои во револт ги отстрануваа своите хиџаби.