Младиот алтернативен бенд од Куманово ЕП10 (Ептен) го промовира својот нов видео запис за песната ,,Мила“. Промоцијата ќе се одржи во среда (25 декември) во ноќниот клуб Тунел во Куманово, а со почеток во 21 часот. Покрај видео премиерата, од бендот најавија и целовечерен концерт каде што специјален гостин ќе биде Бени Шаќири.
Новиот спот е во продукција на Мелем Продукција, режија и монтажа на Огнен Шапковски, камера- Кристијан Тодоров, а снимен е на неколку локации во Куманово и Скопје.
ЕПТЕН (вообичаено се потпишуваат со кратенката EП10) е млад рок состав од Куманово. Нивниот прв настап во живо во 2010 година во култниот загребски клуб Сакс беше забележан од страна на Рејхан Окановиќ, хрватски композитор, продуцент и гитарист. Подоцна тој го продуцира нивниот деби албум Доста е (објавен јуни 2013), снимен во студиото Пропаганда во Загреб.
Поголемиот дел од песните на албумот се напишани од страна на членовите на бендот, а останатите се на Кирчо Арсовски (ТБ Трачери), Дарко Даутовиќ (хрвастки радио водител, композитор и гитарист) и Рејхан Окановиќ . Во песната ,,Ти ми зеде сè ” гостин изведувач е Бени од Нон Стоп, а песната Мила е дел од соундтракот на црногорскиот кандидат за Oскар, филмот Ас Пик- Лоша судбина.