Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски извести дека групата „Јавна соба“ во која се споделуваа фотографии и од малолетници е избришана од страна на платформата „Телеграм“.
„Од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика ме информираа дека групата „Јавна соба“ е затворена“, истакна Спасовски во своето соопштение.
Тој нагласи дека оние кои го прекршиле законот ќе бидат казнети, притоа истакнувајќи дека на платформата „Телеграм“ постои и друга слична група.
„Истовремено, апелирам за внимателност бидејќи на платформата Телеграм има и друга слична група и ние соодветно ќе постапиме и за членовите на оваа група. Сите што го кршат законот соодветно ќе одговараат“, изјави министерот.
Денеска МВР соопшти дека приведени се две лица, едно од Битола и едно од Велес, при што најавени и беа и други активности со цел целосно расчистување на случајот и содветно санкционирање на сторителите.
Малку подоцна, потврдени беа уште две приведени лица, уште едно лице од Битола и едно од Штип.