Групата „Project 2501“ е победник на „Лузер Фест“

Скопскиот сајберкор/сајберпанк бенд „Project 2501“ е победник на овогодинешното издание на „Лузер Фест“ на кој по тесен избор и изедначен резлутат го понесе триумфот со поддршката од публиката. На второто место се кумановците „TV Rage“, додека пак како третопласирани завршија момците од групата „Cortex“. Во одлична атмосфера и преполниот МКЦ со Лузер Фест“ во саботата беше отворена официјалната офф-програма на 16. издание на „Таксират“ фестивал.

Покрај гостите во ревијалниот дел, во повеќе од шест часа исполнети со одлични настапи на „Лузер Фест“ присутните имаа можност да ги слушнат десетте финалисти кои се натпреваруваа за победата.

-Конечното пребројување покажа дека изборите се одвиваа во фер и трезвена атмосфера, со констатиран успех и 62.73% излезеност на гласачкото место од вкупниот број на регистрирани гласачи во изборниот список. Во битката за првото место, скопскиот бенд „Project 2501“ и кумановскиот „TV Rage“ имаа изедначен број бодови на првата позиција од ранг листата, но поради поголемиот број гласови од публиката победата им припадна на „Project 2501“ кои се здобија со право за бесплатно снимање на нивниот прв лонг-плеј албум во студиото „MarryPhatt“ во Скопје и објавување на албумот под капата на „Password Production“, соопштија организаторите.

Трите првопласирани групи истотака ќе бидат испратени на преслушување на програмските селектори на реномираните фестивали „Егзит“ (Србија), „Инмјузик“ (Хрватска) и „Похода“ (Словачка), кои ќе одберат по еден од нив кој ќе настапи на нивните фестивали во 2015 година.

Покрај тоа, „Таксират“ одбира еден од бендовите и како свој претставник за 2015 година во „CEETEP“ (Central Eastern European Talent Exchange Program) програмата која има за цел да поттикне настапи и популаризира артисти од централна и источна Европа преку фестивали, радио и ТВ емисии и други медиуми во цела Европа.

Конечната ранг-листа на „Лузер Фест“ изгледа вака:

1. PROJECT 2501
2. TV RAGE
3. CORTEX
4. AMBER VIRGA
5. THE AUTHOR
6. CUTTING EDGE
7. SKOPJE CREW (SKC)
8. PROBLEM SOLVED
9. KOLT
10. THE PROTAGONIST