Првиот од четирите концерти на класична музика наменети за деца во организација на Пламенка Трајковска – мали камерни состави ќе се одржи на 26 февруари во основното училиште Лазо Ангеловски.
Концертите се насловени „Гудачки квартет во наше маало”, а целта е запознавање и доближување на класичната музика до децата. Концертите се наменети за широка публика и за учениците од училиштата кои ретко или никогаш не посетиле концерт од класична музика. Посебно внимание ќе биде посветено на најмладата публика кај која ќе биде побуден интересот за музичките инструменти како виолина, виола и виолончело.
Генерален покровител на овие концерти ќе биде Градот Скопје, во соработка со одделните општини и училишта.
Во гудачкиот квартет покрај Пламенка Трајковска ќе настапат и Наташа Диденко –виолина, Сања Смилеска – виола и Маја Михајловска на виолончело. На концертот ќе бидат изведени дела од Ј.С. Бах, Л.Бокерини, , Ж. Бизе, П.И Чајковски и Офенбах, но и традиционални македонски песни.