Под мотото „Стоп на насилството врз децата“, денеска се одбележува Светскиот ден на детето – 20 Ноември, посветен и на Конвенцијата за правата на детето, а овој ден го одбележа и најголемиот интернет пребарувач во светот – Гугл.
Според УНИЦЕФ, секоја година милиони деца во светот се жртви на насилство, сексуално злоставување, експлоатација на труд, трговија со луѓе и физичко и психичко казнување.
Во пораката по повод Светскиот ден на детето, македонскиот Народен правобранител истакнува дека почитувањето на правата на детето е една од најважите работи кон кои треба сите да се стремиме, затоа што за едно општество нема поважна работа од создавање здрави, образовани, толерантни поколенија подготвени да се соочат со сите предизвици кои ги носи животот.
Овој ден, наведува Народниот правобранител, е можност секој од нас да се потсети дека и тој го поминал периодот наречен детство, но и да се запрашаме што реално успеавме да промениме во најдобар интерес на детето? Нека биде поттик, истакнува, за сите кои работат со децата или во интерес на децата посериозно и пoпoсветено да продолжат со активностите за подобрување на состојбата со правата на децата, на начин што ќе ги вклучуваат во сите активности и ќе го слушаат и почитуваат нивното мислење, на што обврзува Конвенцијата за правата на детето.
„Свесни сме дека за да има хармоничен развој на личноста на секое дете, треба да создадеме услови тоа да расте во здрава семејна средина, во пријатна атмосфера исполнета со среќа, љубов и разбирање.Токму тоа не задолжува децата да ги третирама како рамноправни на нас возрасните, како активни субјекти и носители на права и обврски. Кон нив треба да се однесуваме со должно внимание, ним треба да им овозможиме образование, со цел натамошен просперитет на човештвото“, порачува Народниот правобранител.
Укажува дека сите како дел од семејството, градинките, училиштата, установите за грижа и заштита на децата и останатите институции и органи имаат обврска да придонесат за нивен правилен психофизички развој, да ги воспитаат и образуваат во духот на толеранцијата и прифаќање на различностите, да ги научат како да одбегнуваат конфликтни ситуации и да го изберат дијалогот како начин на решавање на проблемите. Со тоа ќе се придонесе детето да биде подготвено да живее во духот на мирот, достоинството, толеранцијата, слободата, рамноправно и солидарно со другите.
Народниот правобранител во пораката по повод Светскиот ден на детето искажува дека е неизбежно да се споменат илјадниците деца кои ги немаат основните права, како што е правото на пристап до чиста и питка вода, на пристап до храна, да живеат во чиста и здрава животна средина и да се образуваат на својот мајчин јазик.
Светскиот ден на детето – 20 Ноември се одбележува од 1954 година. На денешен ден во 1959 година Генералното Собрание на ОН усвои Декларација за правата на децата.