Гугл го објавува нивниот чет-бот базиран на вештачка интелигенција (ВИ) наречен „Bard“, како одговор на големиот успех на платформата „ChatGPT“ која е поддржана од Мајкрософт.
Компанијата исто така ја додава технологијата зад „Bard“ во нивниот пребарувач со што ќе овозможува разговори на комплексни теми – како на пример дали е полесно да се научи гитара или пијано.
„Bard“ ќе биде достапен на специјалисти за тестирање производи во понеделник, а во следните недели ќе биде достапен и на пошироката јавност. Исто како и „ChatGPT“ и „Bard“ ќе биде придвижуван од таканаречениот голем јазичен модел, кој во случајот на Гугл е наречен ЛаМДА.
Генералниот директор на Гугл, Сундар Пичаи, ја потенцираше можноста на „Bard“ да дава актуелни одговори. Во демонстрација на продуктот, како пример беше дадено барање до чет-ботот за тоа како да му се објаснат на 9-годишно дете новите откритија од телескопот на НАСА „Џејмс Веб“, или пак учење за најдобрите фудбалски напаѓачи преку добивање на тренинг вежби кои се слични на оние на најдобрите играчи.
Овие ВИ модели како „Bard“ и „ChatGPT“ се типови на невронски мрежи кои ја имитираат архитектурата на мозокот во компјутерска форма. Тие се хранат од големата количина текст од интернетот во процес кој ги учи како да произведуваат одговори на текстуални прашања и барања.
„ChatGPT“ стана глобална сензација откако беше јавно објавен во ноември, преку кој започнаа да се прават разни видови веродостојни содржини – од академски есеи и поеми до решавање тестови или пополнување апликации за вработување. Според аналитичарите досега оваа платформа достигнала 100 милиони корисници.