Извршниот директор на Гугл и коосновач на компанијата, Ерик Шмид најави денеска дека се воведува нова технологија која ќе овозможи да се блокираат голем број пребарувања за детска порнографија, пишува весникот „Дејли мејл“.
Според Шмид, благодарение на новата технологија детската порнографија ќе биде отстранета од резултатите на над сто илјади прашања за пребарување. Ограничувањата ќе се применат прво во земјите во кои се говори англискиот јазик, но за шест месеци ќе го опфатат и останатиот дел од светот како и 158 други јазици.
Оваа најава е дадена точно пред состанокот за безбедност на интернетот, кој треба да се одржи денеска во канцелариите на британскиот премиер Дејвид Камерон. Освен Гугл, на состанокот ќе учествуваат и претставници на Мајкрософт и други интернет фирми.
Камерон во јули побара поефикасни пребарувачи, кои ќе го спречат пристапот до нелегалните снимки. Според Шмид, нема сомнение дека општеството никогаш нема да успее целосно да ги стопира овие перверзии, но треба да се стори се што е можно за да се заштитат децата од злото.
Во изминатите три месеци над 200 вработени во Гугл работеа на разработување на новата технологија за справување со овој проблем. Пребарувачот на компанијата е изработен со голема прецизност, со цел да се спречи откривањето на конекциите, кои прикажуваат сексуална злоупотреба на деца.
„Ниту еден алгоритам не е совршен и Гугл не може да ги спречи педофилите да објавуваат нови снимки во мрежата, но промените дозволуваат да се исчистат резултатите од над сто илјади клучни зборови, кои можат потенцијално да бидат поврзани со сексуалната злоупотреба на деца“, рече Шмид.