Гугл оваа недела најави новини во своите мапи, која на корисниците ќе им овозможат реалистичен поглед на локациите каде сакаат да одат додека се наоѓаат на своите компјутери или смартфони.
Се работи за нова алатка наречена „Имерсивен поглед“ (Immersive View), која треба да претставува „Уличен поглед“ (Street View) погледнато од горе. Преку оваа опција корисниците ќе можат да гледаат локации од птичја перспектива за да добијат повеќе информации за тоа како изгледаат маалата и квартовите и да им го олесни снаоѓањето во просторот. Овие мапи ќе бидат интегрирани заедно со информациите за сообраќајот во живо, па претпоставката е дека би се добила некаква виртуелна-реалност за тоа како изгледаат местата кои ги пребарувате.
Сликите зад „Имерсивниот поглед“ се компјутерски генерирани и претставуваат комбинација на сателитските снимки кои ги прави Гугл, како и фотографиите направени преку „Уличниот поглед“.
„Гугл Мапс првично беше замислена да им помогне на луѓето да стигнат до своите дестинации. Оттогаш прерасна во нешто многу повеќе. Стана добар пријател кога го барате перфектниот ресторан или информации за локални бизниси. Денеска, благодарение на напредокот во компјутерската визија и вештачката интелигенција која ни дозволи да ги споиме заедно милијардите слики од „Уличен поглед“ и оние од воздух и да создадеме богат, дигитален модел на светот. Со нашиот нов имерсивен поглед ќе можете да доживеете како изгледаат маалата, знаменитостите, ресторантите или познатите локации, па дури да се чувствувате како да сте таму пред воопшто да стигнете на местото“, велат од Гугл на нивниот блог.
„На пример, планирате пат до Лондон и сакате да видите кои се најдобрите знаменитости кои треба да ги видите, или местата каде ќе јадете. Со брзо пребарување можете виртуелно да прелетате над Вестминстер, да ги видите квартовите и прекрасната аргитектура, како на пример Биг Бен одблиску. Со важните информации на Гугл Мапс ставени врз тоа, ќе може да го користите и слајдерот со време за да видите како овие локации изгледаат во различен период од денот или при различни временски услови и да откриете каде се местата каде се создаваат гужви“, додаваат од Гугл.
„Имерсивниот поглед“ работи на голем дел од достапните уреди, но засега функционира само на неколку квартови во Сан Франциско, Њујорк, Лос Анџелес, Лондон и Токио.
Од Гугл најавуваат многу повеќе локации наскоро.