Гугл е највредна ИТ компанија во светот според листата БрендЗ ТОП 100, на агенцијата Милвард Браун.
Вредноста на Гугл се проценува на 158,8 милијарди долари и во однос на минатата година е зголемена за 40 проценти, пренесе МИА. Гугл го престигна Епл, кој беше на врвот на листата изминатите три години.
Позицијата на Гугл е зајакната благодарение на успехот во полето на смартфоните. Оперативниот систем Андроид доминира на глобалниот пазар.
Иако „Гугл“ директно не заработува на оперативниот систем Андроид, бидејќи го дава бесплатно на производителите на мобилни уреди, тоа за него претставува гаранција за идни приходи. Секоја година околу сто милиони корисници со купување на нов телефон со овој систем цврсто се врзуваат за неговите услуги.
Вредноста на Епл од минатогодишните 185,1 милијарда долари е намалена на 147,9 милијарди долари.
Според податоците од листата на 100 највредни светски компании, нивната вкупна вредност изнесува 2,9 билиони долари, што е двојно повеќе од нивната вкупна вредност во 2006 година, кога за првпат е направена листата.